Паразитизмот како суштина на комуњаризмот

Паразитизмот како суштина на комуњаризмот се инфилтрира на почетокот во 1943 година, како добар соборец и соидејник на комунизмот, за две години подоцна да ги започне најгадните чистки и уништувања на основачите на македонската држава од Рацин и Ченто до Брашнаров преку Влахов, па сѐ до Шатев и преостанатите поранешни илинденци и бели буржуи, кои со нивното учество го мотивираа партизанското – комунистичко движење во Македонија, како социјално и национално-ослободително востание на македонскиот народ

Комуњаризмот не е комунизам. Комуњаризмот не е самостоен и самоодржлив систем на општествено организирање и дејствување. Комуњаризмот е паралелен систем, кој во форма на паразитизам се инфилтрира во веќе постојниот систем, ги напаѓа неговите витални органи и почнува да се храни себеси и својот организам. Комуњаризмот, заради неговата суштина на предатор, многу брзо прераснува во паралелен систем што ја напушта почетната позиција на орбитирање и во форма на напад, на експанзија влегува во гравитацијата на основниот систем, се впива и почнува да живее инсталиран во основниот општествен систем. Комуњаризмот како паралелен систем својата суштина ја темели не на создавање сопствени оригинални и функционални вредности туку тој дејствува преку напад, окупација и експлоатација на веќе постојните вредности на реалните општествени форми на постоење и живеење. Комуњаризмот нема своја оригинална суштина, туку како и секој друг паразитски организам има само цел да опстане и преживее хранејќи се од здравиот систем преку негово разболување, истоштување и егзекуција. Комуњарскиот паразитизам не функционира како еден организам, туку како повеќе одделни организми, кои во суштина сите одделно напаѓаат определени органи и делови на основниот систем како посебни паразитски групи, координирани од еден центар што дејствува како внатрешен информативен и безбедносен систем, кој ги брани одделните паразитски одреди од отпорот на основниот систем.

Во суштина тој безбедносен систем на комуњаризмот има основна функција да го напаѓа и уништува имунитетот на основниот систем преку дисфункционална деструкција на одделните органи, со крајна цел предизвикување автодеструкција и недавање отпор, како крајна цел на комуњарскиот паразитизам во неговата борба за преземање на основниот жив организам. Секако, комуњарскиот паразитски систем не поседува определени рационални сознанија за фактот дека уништувањето на основниот систем и појавата на автоимуни форми на дејствување на основниот систем води кон негово одумирање, а со тоа и губење на пространствата за хранење и постоење на него самиот. Комуњаризмот во суштина е систем што не поседува свесност за докажување на потребата од него како општествена потреба. Комуњаризмот е систем што постои сѐ додека постои основниот систем и тој во суштина се задоволува во краен случај да го изеде, а со тоа и убие и уништи основниот систем, што може да се дефинира дури и како негова основна и почетна цел.
Во секој случај, да се разгледува комуњарскиот паразитизам низ призма на човечката логика и здравиот разум, мене лично ми се чини како нелогично и неразумно и со тоа како непотребно. Во таа смисла дури мислам дека комуњарскиот паразитизам има изградено свои оружја за напад во форми на вируси и бактерии на основниот систем токму преку пропагандно ширење на логичните и здраворазумните вредности кај основниот систем, со цел тој систем да почне да војува со самиот себеси и така да го ослабне основниот организам. Паразитизмот како систем нема свои убедувања, верувања, идеологии или какви било вредности надвор од животоопстојувачките како форма на преживување, поточно како систем што знае дека ќе умре, но својата суштина ја темели на тоа во поизмачувачка состојба да го предизвика основниот систем, со цел задоволување на неговата суштествена страст за уништување.
Тоа е паразитизмот. Тој не се плаши од својата смрт, доколку таа смрт е последица на смртта на организмот на кој тој паразитира.

Паразитизмот како и сите други примитивни организми нема интелигенција, нема личност, нема совест, нема морал или етика. И нема скрупули во однос на хранењето со живи и со мртви клетки. Нему тоа не му претставува проблем. Паразитизмот има свои суштествени особености, кои се манифестираат како безобзирност во процесот на преживување кон самоуништување и тие минуваат низ различни стадиуми. Во почетните стадиуми кога паразитот влегува во организмот, тој дејствува како притаен, крајно внимателен и хипокритски маскиран пријател, што е тука за сѐ што треба да се направи за целта во која тој лажно се претставува дека верува. И откако ќе ја стекне довербата, тој еволуира во ѕвер што низ инцесуидни односи создава себеподобни клонови, кои на почетокот во една канибалистичка војна се хранат едни со други, за во еден момент да се свртат кон организмот напаѓајќи го жестоко и без милост.
Така се случи паразитизмот како суштина на комуњаризмот да се инфилтрира на почетокот во 1943 година, како добар соборец и соидејник на комунизмот за две години подоцна да ги започне најгадните чистки и уништувања на основачите на македонската држава од Рацин и Ченто до Брашнаров преку Влахов, па сѐ до Шатев и преостанатите поранешни илинденци и бели буржуи, кои со нивното учество го мотивираа партизанското – комунистичко движење во Македонија како социјално и национално-ослободително востание на македонскиот народ. И веднаш по познатите инфорбировски процеси и преминот од сталинизам во титоизам не го окупираа целиот систем и сите негови органи инфилтрирајќи се во социјализмот, во Социјалистичка Република Македонија како паралелен паразитски систем што ќе се храни и опстојува од социјализмот и републиката.

Паразитизмот од еден на почетокот добронамерен и безопасен едноклеточен организам, се трансформира во безобѕирен паразит со многу форми, кои на крајот мутираа и прогресираа како тумори и канцери со метастази што го зафатија целиот основен систем. Тоа внатрешно изедување на организмот предизвика на крајот на осумдесеттите години тој социјалистички македонски организам повеќе да не може да се бори со комуњарските паразити, кои мора да се признае покажаа уништувачки глад и сила, па на 8 септември 1991 година основниот систем на организмот социјалистичка Македонија ја прогласи сопствената смрт и се предаде целосно во утробата на комуњарскиот паразитизам. Комуњарскиот паразитизам до таа мера порасна што веќе се метаморфозира во нов лажен основен организам што се новоименуваше како либерална република, но во суштина беше само облик на стариот основен систем целосно освоен од паразитскиот комуњаризам не како демократија, туку како демократура.
Таа метастаза на комуњарскиот паразитизам го презеде основниот систем и во една безмилосна борба на паразити што се прпелкаат во измет, урина и гној што тече од организмот веќе препуштен на автоимуните деструкции, во моментот ги исцрпува последните состојки на живот создадени на 2 август 1903 година, а четириесет години подоцна во 1944 година потврдени како основна сила на државата Македонија и нејзината република како форма на организација. Тој комуњарски паразитизам сега јаде од сопствената утроба. Нема како да избегаме од смрдеата, која, знам, ја поднесувате само и само затоа што одбивате да ја прифатите дека доаѓа и од вас и дека и вие сте дел од тоа распаѓање. И неможноста за лекување е токму во тоа – во неприфаќањето на вистината за себеси – дека сме дел од организмот што се распаѓа во реи неподносливи за гледање.

Драги мои, ние го живееме климаксот на комуњарскиот паразитизам, кој го минува својот втор четириесетгодишен циклус, што е вообичаена форма на паразитска манифестација. До крајот на ова деценија, комуњарскиот паразитизам ќе ги исцица и преостанатите, сосема на дното општествени сокови и на демократијата и ќе побара нов основен систем, нов организам за паразитирање. Гледајте како го најавуваат тоа. Ја прогласуваат демократијата за мртва и бесрамно и гадно бараат нов здрав организам за напад. Но ова е моментот, драги мои, сега или по педесет години. Сега е најранлив комуњарскиот паразитизам. Сега е бесен затоа што нема нови извори на храна. И ќе мора да излезе од овој и да се вовлече во друг организам. Сега треба да се нападне и уништи. Докрај. Како што се чистат паразити. Прво матиците, па вошките и на крајот гнидите. Една по една. Се бараат скриени во корените, се вадат и се стискаат додека да прсне од нив нашата крв. Тоа е. Гаднично е малку знам, ама, или вие, или тие. Нема трето. И нема кој да ви ги исчисти вашите паразити. Тие што велат дека ќе ви се најдат во таа работа, ве мавтосуваат. Зафатени се. Имаат тие свои паразити, поголеми и пострашни од вашите. Верувајте ми, ЕУ и НАТО се исто така болни и на умирање од истиот паразитизам. И нема како да ви помогнат, дури и да сакaат.
Во следната колумна ќе пишувам за паразитизмот во културата и уметноста, а потоа и за паразитизмот во медиумите и социјалните мрежи, области што ги познавам и во кои живеам и работам во дваесет и петгодишната борба со комуњарскиот паразитизам, кој во овој момент е во својот климакс.

Авторот е режисер и универзитетски професор