Има ли Македонија стратегиска национална платформа за преговори со Бугарија?

Очигледно нема. Ако имаше, некој во сиов овој македонско-бугарски политички галиматијас, што покрај пандемијата секојдневно, а во случајот со соседна Бугарија, со децении како отворено „македонско прашање“, немаше да ни го загорчува животот и да ни ја подрива надежта. И сѐ се сведува на тоа како на работите „пост фестум“ гледаат и како проблемот го толкуваат Зоран, Христијан, Стево, Апасиев или Бучковски лично, како тие да се од господа предодредени и од народот платени од своите кабинети и зад затворени врати да ги решаваат државните работи на своја рака и со ничија одговорност, при надлежни државни институции, национална дипломатија, легитимен и демократски избран парламент и преплатени народни избраници.
Во напредните демократски земји, во кои за жал сѐ уште не може да се вброи и Република Македонија, сите државни и особено меѓународни прашања и проблеми, какви што се нашите веќе историски со соседна Бугарија, се решаваат поинаку. Парламентарната демократија и меѓународното право имаат точно утврдени инструменти и механизми како им се приоѓа на сите горливи и жешки теми, во зависност од проблемот.

Ресорните институции, министерства, научни и други релевантни организации, експерти, познавачи и други, благовремено, без какви било притисоци од страна, изградуваат национална платформа и сопствена стратегија како треба да се решаваат проблемот или прашањето, со преговори, посредно или меѓународно арбитражно, ако проблемот и прашањето имаат таков карактер. Се определуваат сите црвени линии и лимити преку кои не е можно да се помине во преговорите, а се определуваат прашањата и проблемите за кои може и треба да се преговара.
И сето тоа, јавно или конфиденцијално по потреба, го артикулираат органите на парламентот и пленарно го преточуваат во релевантен државен документ, кој се нарекува платформа, стратегија, декларација или слично. Од тој момент, овој документ станува неприкосновен уставно загарантиран национален политички катехизис и сите институции, органи и овластени поединци се должни да го почитуваат и спроведуваат, без оглед на нивниот личен став и однос кон прашањето и проблемот. Независно дали се дел од власта, позицијата или опозицијата.
Од тој момент таквиот документ станува и инструмент и патоказ на националната дипломатија, која благовремено и професионално, врз билатерална или мултилатерална основа, постапува и го подготвува потребниoт меѓународен пат за афирмација и овозможува поддршка или поволно решавање на тоа во случајов мошне важно, судбинско и историско национално меѓународно прашање. Секакви други ад хок решенија се сметаат за чиста импровизација, на краток рок и со губитнички предзнак, во случајoв со Бугарија на штета на нашата земја.

Ваквата демократска преговарачка методологија не може да биде супституирана со каков било „специјален претставник“, никаква меѓудржавна научна, историска или друга политичка комисија, или пак со некаква „лидерска средба“, под покровителство на претседателот на државата како врховен племенски поглавар, што е апсолутна и бесмислена неефективна македонска измислица, малку позната во други држави и земји во Европа и во светот. Ваквите прашања и проблеми не се решаваат ниту пак се предмет на уличната демократија, демонстрации, штрајкови и други опструкции како средства за изнуда на промена на власта.
Партиите можат и треба да комуницираат и да се договараат меѓу себе, непосредно, но препорачливо е тоа да биде транспарентно, цивилизирано и во рамките на институциите на парламентарниот систем, во договор и согласност со веќе постојната национална платформа, изградените и плебисцитарно прифатените ставови и стратегии за тие прашања.

За ова не се потребни ниту некаков специјален консензус, ниту пак какво било „национално помирување“, кое само по себе се подразбира. Прашањата со предзнак „национален интерес“ не трпат и не дозволуваат спогодувања, компромиси и злоупотреби од таков вид. Тоа, впрочем, влегува во кодексот на една издржана и преку потребна политичка култура и морал, што толку многу му недостигаат на македонскиот плурализам и од кој државата трпи огромни штети на внатрешен, а особено на надворешнополитички и национален план.