Да се биде интелектуалец на страната на посилниот не е никаква храброст. Да се брани неправото на поголемиот во однос на неправдата што му се прави на помалиот не е никаква доблест. Да се застапува интересот на насилникот врз некој што не може да се одбрани од тоа насилие не е никаква добра намера. Да се биде против својот народ кога е нападнат од други, не е чин на негова заштита од загуба поголема од таа што се чини со чинот на тоа да се биде против него. Да се биде достоен значи да се биде со тој што достојно се бори знаејќи дека ќе ја изгуби таа битка, макар болно и макар кобно. Да се трпи неправда заедно со својот народ е поправедно отколку да му нанесувате неправда заедно со некој друг. Да се биде со својот народ, значи да се биде со неговите достигнувања и неговите заостанувања, со неговите подеми и неговите падови, со неговите победи и со неговите порази. Да се живее со него значи дека си самосведочиш дека си жив и создаваш причини за општопаметење дека си живеел. Сѐ друго се идеи што ниту можам, ниту сакам, а ниту знам како и со кого да ги споделам. А сигурно не сега, кога мојот народ никому не му чини зло и неправда, а злото и неправдата се името на неговите денови од делник до празник. Но сѐ тече и сѐ се менува, од Хераклит па до Доналд Трамп. И така, ете нѐ пак на почетокот на новата сезона на заплашувања, стравови, притисоци, стигми и етикети што ќе ги произведат, создадат, направат, наречат и залепат на секој оној што сега во името на новиот бог наречен Бајден Џо, нема да се повини и нема да застане на онаа страна што тие ја нарекуваат: страна на силата. Драги мои, во Македонија, таканаречената левица, олицетворена во поранешните комунисти, сега преречени во социјалдемократи, ја отвораат новата сезона на стравови, закани, стигми и етикети врз секој оној што ќе мисли различно од нив или, не дај боже, наспроти нив.
Од денот на падот на комунизмот, нивните кариери, достигнувања, успеси и живи животи се темелат на изборот да бидат на страната на посилниот, наспроти, во нашиот случај послабиот: Македонија и македонскиот народ. Тоа е формулата за нивниот успех во политиката, бизнисот, образованието и уметноста. Биди против своите, против нивните вредности, убедувања, сфаќања и разбирање на нештата во природата и општеството. Напаѓај ги, потценувај ги, ругај ги и потсмевај се на сѐ што си или некогаш си бил. Тоа е сѐ што ти треба. Сѐ што треба да знаеш. Сѐ што може да знаеш. И наградата ќе стигне во облик на функциичка, проектче, положениенце, работичка, далаверичка, паричка и животче. Онака како што го живееле нивните татковци и дедовци во комунизмот. Му служеле на комунизмот не затоа што му верувале туку затоа што очекувале и добивале незаслужено: функциичка, проектче, положениенце, работичка, платичка, далаверичка, животче. Истите тие, се тие, па тие. И се собра паника што се претвори во пизма поттикната од тоа што цели единаесет години, првпат толку време во еден интервал не биле тие што ја креваат завесата од театарот во кој се играат самите себеси и она што единствено се – неталентирана црвена буржоазија. И ете ги, тука се, пак на сцената, со познатото сценарио во кое тие ќе играат во претставата на марионетскиот театар наречен Северна Македонија, а ние ќе им аплаудираме за одличната изведба.
Боже, не ми се верува дека ова се случува повторно и повторно, дека по „енти пат“ ја гледаме истата неубедлива фарса, како што кажува Хамлет: во која како актер беден, час-два се перчат, умираат и потоа никој не ги гледа, за утре да ја повторат истата дилетантска изведба. Повторно ќе ги гледаме и слушаме веќе стопати повторените изјави од разните „калиња“ што ќе излегуваат на прес-конференции со поддршка на нивните потпросечни и самодејни глумци што ја одвраќаат публиката од салоните што ќе мора да ја мотивираат да ја отседи претставата докрај, со нови ветувања за нови функциички, нови проектчиња, нови положениенциња, нови работички, нови платички, нови далаверички, нови животчиња. Сѐ ново и сѐ џиџе! Еве, за да не испадне дека не сакам да им помогнам на луѓе во неволја, им предлагам на продуцентите од ова тривијална трагикомедија како последната можност за успех, едно радикално, но структурно, драматуршко решение – промена на публиката! Тоа е, драги мои, немате никаков друг излез од овој ќор-сокак, освен да си донесете нови консументи на кои ќе им се заканите или да доаѓаат на театар и да плескаат раце или ќе ги оставете без функциичка, проектче, положениенце, работичка, платичка, далаверичка, животче. Сезоната оваа пролет планираат да ја отвораат со пиесата „Борба против пропагандата од Русија и од Кина во северната демократија“ со обележување на локалните средишта што го „произведуваат и шират тоа непријателство“ кон нив и нивните слободарски и духовни достигнувања. Убеден сум дека и овој пат нема да се сетат дека најголемите центри на антиевропска и антиамериканска пропаганда се токму тие, амбасадите на Европа и на Америка, кои со изборот на изведувачи во нивниот театар ги одвраќаат сите оние љубители на политички драми што барем малку се држат до личните критериуми за верност и убедливост во тоа што го гледаат на сцена. Синонимите „калето, амбасадата, горните“ и многу други втори и трети параноми со кои се препознава Америка, нашите власти ги користат на ист начин на кој во Советскиот Сојуз се користела силата на Кремљ, Сталин, Берија и нивните тајни служби од НКВД до КГБ. Така си е тоа.
Соединетите Американски Држави во Македонија денес се онаа сила со која социјалдемократите располагаат кога сакаат да нападнат, стигматизираат и девалвираат нечие достигнување, кариера или живот, во краен случај. Како се случи она што беше идеал за слобода и бегство од силата на едноумието што во Македонија тогашните комунисти, а сегашни социјалдемократи го применуваа како начин на владение, денес да биде инструмент со кој децата и внуците на истите тие комунисти, со силата на истата таа Америка ќе се закануваат по нашата слобода на говор и слобода на право на избор, дури и право да бидеме против правото на таа сила, така како што наивно верувавме дека демократијата е право не само да се верува туку и право да не се верува. Не гледам дека имаат намера нешто да променат, напротив, овие „нашиве“ се фалат наоколу дека сега со изборот на претседателот Џо Бајден од „калето“ ќе добијат одврзани раце да удрат врз нивните неистомисленици со уште поголема и поубиствена сила. „Им кажале“ дека се спремни да покријат и подраматични ситуации само ако тоа ветува замолчување, страв и остварување на целите: тотално растурање на државата. Се плашам дека полека ама сигурно ќе влеземе во стравови, закани и угнетувања пострашни од оние што во 1949-та трајно и непоправливо ги растурија граѓанска Македонија и белата буржоазија лажно обвинувајќи ги за русизам и бугаризам, кои сега ќе бидат заменети со русизам и антибугаризам! Колку неинвентивно, колку некреативно и колку веќе видено. Сѐ исто, па исто. Сѐ тие, па тие. Спас? Нема. Мора да се издржи. Сѐ дури не дојдат борците, борбата, револуцијата и промените. Или, шумарот, во секој случај.
Само што е можно овој пат тој шумар наместо секира на рамото да има стап во раката и да не прашува кој и што правел во таа шума, туку кој и што не правел!? Во меѓувреме самоубедувајте се дека сте елита, класа, учени, интелектуалци, кои се отидени во тој театар, не оти ги интересирала претставата туку дека се присутни само за функциичка, положениенце, далаверичка, работичка, платичка, проекте, животче. Или, соочете се со деминутивот на своето постоење во форма на човеченце. И сѐ е веќе појасно и полесно за разбирање. И за простување. За оние што навистина ќе се надминат себеси во чинот на простувањето. Јас, да бидам најискрен, никогаш не сум бил силен за такви подвизи.
За да не прераскажувам како ќе заврши оваа драмолетка погледнете го филмот „Дискретниот шарм на буржоазијата“ на мајсторот Луис Буњуел, особено големото финале и сѐ ќе ви биде јасно. Опуштете се. Сите трагедии завршуваат како гротески во кои оние што мислат дека се епски јунаци во својата драма, на крајот се само бедни изведувачи во некоја туѓа фарса. И толку.
Авторот е режисер и универзитетски професор