Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш, ќе биде ѕвоно за будење, за прекин на илузијата! Мора да ја надминеме зависноста и да станеме независни, за да бидеме подготвени за меѓузависност, за вистинско партнерство, вклучувајќи и со Грција, Бугарија и ЕУ
Дојдоа времиња во кои и најистрајните поддржувачи на ЕУ-интеграциите на Македонија говорат дека е доста, за демарш до Португалија, говорат за барање на алтернативи, но дојдено е време за радикална промена: за прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш! Поводите и причините се многубројни и се со различна тежина.
Македонија, не се бројат колку пати и колку години, добива одбивање препорака за започнување преговори и одредување датум на преговори. Се чини за Македонија специјално се поделија кандидатски статус, препорака за започнување на преговори и датум за започнување на преговори. Имаме кандидатски статус од 2005 година и по 16 години не се одредува датум за започнување на преговорите. Тоа е како приближно да се согласите на свршувачка и 16 години да не закажете датум, а за брак и да не говориме. Само ова е веќе доста за прекин на пристапувањето во ЕУ!
Ако 16 години недобивање датум не е доволно и ако не е доволно понижувањето од ветото и условите на Бугарија, скандалозниот пристап на Ана Паула Закаријаш, државна секретарка за ЕУ-прашања на Португалија, треба да е доволно.
И тоа не е само поради нарекувањето на македонскиот јазик „северномакедонски јазик“ и дека потекнува од бугарскиот јазик, туку неверојатната незаинтересираност и леснотија со која тоа е изречено и се гази туѓото достоинство! Таа неверојатна незаинтересираност и леснотија покажува дека Македонија нема проблем со Бугарија, туку со ЕУ и нејзините вредности!. Ова е веќе доволно не само за прекин на пристапувањето во ЕУ туку и за повикување на консултации на македонскиот амбасадор од Португалија, ако воопшто имаме амбасадор таму, и на тој од Брисел, бидејќи португалскиот став како претседавач е став на ЕУ.
Бранко Црвенковски, поранешниот претседател на Македонија, деновиве рече дека Бугарија тоа што не успеала да го постигне со војна и оружје во 1941-1945 година, сака да го постигне со ветото во ЕУ. Прекинот на пристапувањето во ЕУ ќе ѝ ја одземе таа моќ, ќе ја разоружи Бугарија и разговорите за добрососедство ќе ги постави во нова рамка. Да, Бугарија може да продолжи со кочење или рушење, како обидите за бугаризација преку бугарските пасоши, но тоа нема таква тежина како ветото во ЕУ.
Но ниту една од погоренаведените работи нема таква тежина во аргументацијата за прекин во пристапувањето во ЕУ, веднаш, како потреба да пораснеме, да преземеме одговорност, како граѓани и како политика, а со тоа и како општество и како држава. Македонците со децении живееја во двојна заблуда, дека државата/СФРЈ/Белград ги решава проблемите, и дека социјализмот е транзиција кон комунизмот, каде што на сите ќе ни биде подобро. Нешто како синови со синдромот на Петар Пан, кои на триесет години живеат со своите мајки и сонуваат еден ден да се осамостојат, но не прават ништо за тоа и чекаат мама да ги реши проблемите. Независноста на Македонија не донесе суштинска независност туку само промена на зависноста со Брисел наместо Белград, и „ЕУ-преговори“ се новиот социјализам што треба да нѐ донесе во „ЕУ-членство“ како нов комунизам. Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш, ќе биде ѕвоно за будење, за прекин на илузијата! Мора да ја надминеме зависноста и да станеме независни, за да бидеме подготвени за меѓузависност, за вистинско партнерство, вклучувајќи и со Грција, Бугарија и ЕУ.
Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш, е крајно пожелен за граѓаните, но… но е крајно непосакуван за политичарите и за естаблишментот. На настани за ЕУ-интеграциите, за заморот од ЕУ, некој рече „ЕУ се преправа дека сака да нѐ прими за членови, а Балканот се преправа дека прави реформи“, додека вистината е дека ниту ЕУ сака проширување, ниту нашите влади сакаат реформи. Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш, ќе ги лиши и ЕУ, поважно и нашите политичари од можноста за преправање! Нашите влади сакаат да се одржи сонот за светла иднина, „ЕУ-интеграциите“, за да трпиме, за да молчиме на неподносливоста на животот сега. Исто како проповедите за рај, комунизам, наспроти страдањата сега. Да трпиме, да молчиме на патрон-клиентелизмот, на корупцијата, на авторитарноста, на неспособноста, на понижувањата… Безброј примери, тука само еден, на нашите влади им треба ЕУ-знаменце за носење закони што немаат врска со никакви реформи и за задушување на дискусијата, не им треба за носење ЕУ-закони, оти такви немаат намера да носат.
На самитот на Заев, Вучиќ и Рама, оваа недела, ќе изјават „Ако ЕУ продолжи да нѐ блокира, ние ќе си направиме европски Западен Балкан“. Па побогу кого замајувате? Зошто ви е ЕУ, ако сакате европски Западен Балкан? Зошто ви е ЕУ за да обезбедите слобода на движење, трговија и капитал на Западен Балкан? Зошто ви треба ЕУ за укинување на граничните контроли, за укинување на царините? Ако тоа е сонот, ако тоа е стремежот, зошто ни треба ЕУ, да го направиме тоа? Вие не сакате ниту ЕУ ниту европски Западен Балкан, вие сакате несметано да владеете, ниту ЕУ ќе ни донесе европски Западен Балкан, Западен Балкан ќе биде толку европски колку што ние ќе се избориме!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #ЕУ #Добрососедство