Сакам и мора да се најдам на црната листа на Бајден. Но, еве, стигнав до крајот на колумната. Немам простор убаво да ви објаснам како планирам да се истопорам на таа листа користејќи ги својата креативност и глас (додека не го задушат на сила) во борбата против тоа нацифашистичко писание наменето за спроведување идентитетски холокауст
Неколку мисли за Нордистан. Во протекторатов може сè да се промени. Име, идентитет, знаме, химна, грб, агрегатна состојба на полтронската политика. Само едно нешто не се менува. Интелектуалната бижутерија граѓанство луѓенца. Тие се фиксно глупи и вообразени. Не можам никако поинаку да ја дефинирам состојбата во која денес, полн омраза, хистерично врескаш против одредена појава или личност, а веќе утре истото го браниш и поддржуваш само затоа што тоа го спроведува некој што ти го почитуваш, заборавајќи дека истото вчера си го распнувал.
Смешни ми се новинариве. Сите до еден, ама најмногу опозициските, демек десните. Нордистан си лапаше ново вето од Бугарија. Ништо чудно. Ама чудни се новинарите. Хорски верглаат за однесувањето на Бугарија. Демек вчудовидени се од бугарскиот шовинизам и неофашизам. Па врескаат против изјавите и потезите на официјална Софија. Кутри тажни новинари! Бугарија не е главниот виновник, исто како што не беше ни Грција. Тие се само маша во раката на насилникот. Раката е на Европската Унија. Тие го прават срањето. Уште од Лисабонската декларација. Тоа како Европска Унија. А како империјалистичка Европа уште од 1913 година. Не ми верувате? Смешно ви е? Ако, смејте се. Реално, вие сте смешните.
Ама, еве, бе, Русјаков, Европската Унија ѝ се лути на Бугарија затоа што нè блокира, па ги притиска, ги кара, им се заканува. И уште излезе овој премиер, оној министер, па јавно кажаа дека ама ептен многу им е жал што Нордистан не доби датум и уште рекоа дека со ноќи не можат око да склопат од грижи за нордистанците, а Бугарија ќе си го добие своето, зашто си го барала со боринче.
Тоа ќе ми го кажете, нели? Ало, црпнати, па пола ЕУ се истопори во Скопје да ви ветува дека кога ќе станете Нордистан, веднаш влегувате во Унијата. Ви се клештеа пред камери макроновци, меркелки, хановци ветувајќи ви мед и млеко, па добивте шипак.
Добро бе, ќе научи ли некој некогаш во нордистанскиов ќенеф, како тоа, со векови функционира вавилонската блудница? Знам, никој нема ништо да научи и ќе се продолжи со она, ама ЕУ вети, како сега пак вето…? Затоа и главен фраер е лик што ви кажува дека седум пати добил датум од Европската Унија, а вие што не му верувате може да си пукнете. Е па, каде е датумот?
Тука е, спремен да се го ставите околу врат, ама мораше прво да појде на козметички третман, знаете малку депилација, малку солариум и педикир, за кога ќе застане на нордистански гради, да заблеска и да личи, затоа не е лошо и вие да поминете еден рутински хируршки идентитетски зафат, а бе, скроз е океј, нема да боли, како да чупаш веѓи и корнеш антизападни влакна од нос.
Уште малку за Нордистан.
Ме изнасмеа паниката околу сечењето дрвја на улицата Орце Николов. Редовните гласачи на СДСМ, наречени центарци, залелекаа. Почнаа да пискаат и да прашуваат, кај се паркобраните? Паркобраните се дел од интелектуалната бижутерија, а таа е глупа и вообразена. Глупите и вообразените имаат употребно дејство на марионета. Дури и врховната марионета на странците ги смести во графата „шуто и рогато“. А за дрвјата, не плачете! Што ќе ви се дрвја кога сте во НАТО. НАТО е сенка под која прегрнати може да чекорите. НАТО е чист воздух со полни гради го дишете. НАТО е дождовна шума, дрворед и фотосинтеза истовремено. НАТО е гранка каде што секоја птичка може да свие гнездо. НАТО е стебло во кое верверичките собираат лешници за зимница.
Доста за Нордистан. И мене ми преседна. Ама за НАТО уште малку.
Не можам да ја разберам нивната забеганост. Надвор е од секоја човечка здраворазумска мисла. Ако такво нешто сè уште постои. Ај што фрлаа среде Европа осиромашен ураниум за да отцепат територија, истото го прикажуваа како борба за човекови права, па територијата ја претворија во тренинг-кампови и лаборатории, но истовремено врескаа дека некој друг, исто како нив, презел територија, иако преку референдум и без капка пролеана крв, ај што сето тоа го прават и мува не ги лази, ама овие бре упорно сакаат да направат трета светска војна. Не разбирам каков им е есапот. Дали станува збор за непресметливост или типична психопатија како онаа што ја започна Втората светска војна? Не знам, времето ќе покаже. Сега гледам само арогантна безумност.
Британски воен брод намерно влезе во руски води. Ароганција, аздис, чаталење? Што и да е, не е со здрав разум сторено. Русите пукаа предупредувачки, насилниците се повлекоа. Веднаш потоа, американски авион го наруши рускиот воздушен простор. Што им е, нормални ли се? Секако дека Русите пуштија ловец да го пресретне. Леталото што си играше „топ ган“, не по своја волја, секако, се повлече. Не знам за другите, ама мене ми смрди на можна планетарна пиздарија за која сигурно нема да биде виновен стопанот што си го брани домот од разбојници.
Стејт департментот јави дека нема да ги става на црната листа на Бајден оние што мрчат против преспанскиот булшит по социјални мрежи. Веројатно тоа важи и за сите што си мрморат во брада, пцујат по дома или фрлаат гравчиња за да видат дали еден ден истиот тој преспански булшит некој ќе го фрли во ќенефот на историјата, па ќе проветри за да се излуфтира смрдеата.
И што сега, попусто јас се дотерував за на црна листа? А планирав да се зачешлам, избричам, намирисам, да замолам некој од пријателите да ми даде костум и чевли, оти овие што ги имам дома износени се и подискинати. И сега излезе дека црната листа била за оние што директно и недвосмислено ќе работеле на поништување на булшитов од Нивици. Океј, јасно ми е, јас не сум мадафака што може да го поништи геноцидното срање. Не само што немам моќ туку практично сум никој и ништо. Па еден Меѓународен суд во Хаг, највисока институција на модерната цивилизација, кога носи пресуда во наша корист, третирана е од САД, ЕУ и НАТО како тоалетна хартија, а не па јас. Ама едно знам. Сакам и мора да се најдам на црната листа на Бајден. Но, еве, стигнав до крајот на колумната. Немам простор убаво да ви објаснам како планирам да се истопорам на таа листа користејќи ги својата креативност и глас (додека не го задушат на сила) во борбата против тоа нацифашистичко писание наменето за спроведување идентитетски холокауст. За повеќе информации обратете се следната недела во просторот наменет за овие редови.