Додека од МВР приведувањата на прексиноќешните протести ги објаснуваат со насилно однесување, туркање на заштитната ограда, фрлање камења и пиротехнички средства, дел од јавноста е шокиран токму од насилството на полицијата

По вистинската војна помеѓу демонстрантите и полицијата што се случи пред зградата на Собранието во центарот на Скопје, прексиноќа, по потпишувањето на договорот со Грција, седумнаесет лица, од кои десет полицајци, се повредени, а 26 се приведени. Како што соопшти МВР, приведените се однесувале насилно, ја туркале заштитната ограда, фрлале камења и пиротехнички средства кон Собранието и полицискиот кордон и се обиделе насилно да влезат во зградата. Од друга страна, пак, некои од учесниците во протестот и независни набљудувачи ја обвинуваат полицијата за претерана употреба на сила.

– Изгледа првиот знак за подобрена соработка меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев е во полициската сфера. Македонската полиција почна да ги користи грчките методи за справување со протести. Но има една голема разлика: овде нема Златна зора! Секој обид да нѐ прикажат нас, обичните луѓе како неофашисти, нема да помине! – напиша на својот фејсбук-профил Билјана Ванковска, колумнистка на „Нова Македонија“ и една од универзитетските професори што присуствуваа на протестот во Скопје, обвинувајќи за „прекумерна употреба на сила врз демонстрантите“.
И универзитетскиот професор и член на Левица, Димитар Апасиев, вели дека учествувал на сите протести на Шарената револуција, но оти не се сеќава на солзавци и шок-бомби.

– Прекумерната употреба на сила од страна на специјалната полиција не е одлика на една демократска држава! Учествував на сите протести на Шарената револуција во времето на груевизмот, но не се сеќавам на солзавци и на шок-бомби!? Министерство за внатрешни работи, се слушаме? – напиша Апасиев на Фејсбук.
Инаку, од полицијата вчера на одговорија на обвинувањата за претерана употреба на сила, само информираа за текот на настаните.

– Околу 21.30 часот, околу 50 демонстранти, движејќи се во група, се упатиле кон плоштадот „Македонија“ и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде што искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите фрлиле солзавец врз гостите. Во близината на хотелот „Холидеј ин“ е запалено комбе „фиат“, а огнот е изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита – се вели во соопштението од МВР.

Во врска со новинарот на порталот „Инфомакс“, МВР соопшти дека тој одбивал да се легитимира и дал активен отпор. МВР наведува дека во согласност со процедурите, лицето било однесено во полициска станица и, по утврдувањето на неговиот идентитет, веднаш било пуштено.

Министерството за внатрешни работи истакна дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Апелираат на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Што се однесува до 26-те приведени, од кои пет малолетници, по утврдување на нивниот идентитет и возраста, малолетниците, во согласност со Законот за правда на децата, се пуштени на слобода. Тоа им било соопштено на претставници од Основното јавно обвинителство во Скопје, вчера, на работниот состанок со претставници од МВР.
Од скопското обвинителство му се дадени насоки на МВР за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствата што ги презеле пред Собранието на Република Македонија, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Насоки се дадени и во однос на обезбедување снимки од видеозаписи од поставените безбедносни камери за документирање на евентуално незаконско дејствување.

– Од содржината на видеозаписите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконско дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Наедно ќе се утврдува идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Во согласност со содржината на видеозаписите и другите докази ќе следува поднесување кривични пријави или известувања до ОЈО Скопје од страна на МВР – се наведува во соопштението од обвинителството.

Претставниците на МВР информирале и за заканувачки пораки и слики што преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица.

Министерството за внатрешни работи добило задолжение да пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ од членот 144 став 4, во врска со став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Паралелно со ова, со најостра осуда на синоќешните инциденти, се огласија и од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Оттаму констатираа дека демонстрантите извршиле насилни дејства, но и полицијата прекумерно употребила хемиски средства.

– Граѓаните што беа дел од протестот пред Собранието на РМ извршија насилни дејства насочени кон полициските службеници, а полицијата, пак, прекумерно употреби хемиски средства кон демонстрантите – оцени Хелсиншкиот комитет.
И од Хелсиншкиот комитет регистрирале говор на омраза и повикување на насилство, поради што ги повикуваат органите на прогонот да спроведат темелна и ефективна истрага за сторените казниви дела. Во однос на прекумерната употреба на хемиски средства, потсетуваат дека во согласност со Законот за полиција, употребата на средства за присилба мора да биде соодветна и пропорционална, а, според нив, во дадената ситуација се доведува во прашање, особено што помеѓу граѓаните што протестираа беа присутни повозрасни лица и деца.

Тие ги повикуваат граѓаните да го изразуваат своето право на протест на ненасилен начин, да ја зачуваат присебноста и да се воздржат од провоцирање и предизвикување насилни инциденти, за да не се загрози безбедноста на сите граѓани во државава, а граѓаните што сметаат дека нивните права биле прекршени, да го пријават случајот.

Со осуда за нападите врз новинарите, но и за непрофесионално однесување на дел од нив, се огласи и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
– Медиумските работници мора да бидат ослободени од секаков вид притисоци и да им се овозможи непречено да ја вршат својата работа, особено кога станува збор за прашања од посебен јавен интерес. Меѓутоа, истовремено, новинарите при известувањето мора да обезбедат професионална дистанца, непристрасно и избалансирано известување. Во овој контекст, агенцијата апелира да не се применуваат облици на непримерна комуникација со јавноста, а уште помалку да се поттикнува насилство по која било основа – се наведува во соопштението од АВМУ. П.Р.


Шијак: Полицијата намерно
фрлаше шок-бомби меѓу луѓето

Актерката Арна Шијак е меѓу повредените на протестот пред Собранието. Таа тврди дека полицијата кон демонстрантите фрлила голем број шок-бомби и солзавци. Актерката, за дел од медиумите, раскажува дека стоела до клупа во паркот спроти Собранието кога шок-бомба паднала меѓу нејзините нозе и сериозно ја повредила. Таа тврди дека полицијата намерно фрлала шок-бомби меѓу луѓето за да се предизвика страв кај нив да не протестираат повторно.