Станарите кои стрпливо чекаа да се поправи лифтот веќе изгубија секаква надеж дека тој за брзо време ќе се поправи и одлучија да го тужат претпријатието кое стопанисува со објектот

Вистинска приказна од нашето секојдневие: Слики од животот на граѓаните што ја отсликуваат состојбата во државата

Кога станарите на зградата на улицата Смилевски конгрес бр. 25 во Битола утрината на 31 август 2021 година добија писмено соопштение од страна на одржувачот на лифтот „Елеватор сервис Дооел“ дека поради констатирани оштетувања на редукторот тој привремено ќе биде забранет за употреба, мислеа дека поправката на лифтот ќе трае само неколку дена. Но, за жал, лифтот не е поправен ни по две години.

За тие две години станарите на оваа социјална зграда доживуваат вистинска голгота. Особено на судни маки се наоѓаат станарите на погорните катови, а маките што ги трпи 36-годишната Соња Димитриевска, која боледува од церебрална парализа и е неподвижна, не се опишуваат со зборови.

– Да бев осудена и затворена во затворот во Шутка подобро ќе ми беше, бидејќи ќе можев барем еднаш во денот да излегувам на воздух. Во Шутка луѓето што се обвинети и осудени за најтешки кривични дела имаат барем право еднаш во денот да излезат на свеж воздух. Што ако јас не сум в затвор и не сум осудена, кога цели две години сум затворена дома и не можам да излезам на свеж воздух. Јас ни крива ни должна, без судење и пресуда, сум осудена на затвор и „домашен притвор“. Мајка ми, која се грижи за мене, цели две години не може самата да ме извади надвор, а тоа не можат да го прават ни нашите соседи – вели Димитриевска.
Овие зборови на девојката од шестиот кат во зградата најдобро ја опишуваат состојбата во која се наоѓаат таа и соседите што живеат на погорните катови, откако пред две години се расипа лифтот.

– По цели две години, деновиве поради неиздржливи болки во забите, кои почнаа да ми гнојат, благодарение на соседите слегов долу да ме донесат на забар и да ми ги извадат двата заба. Само благодарение на присебноста на соседите, кое ме носеа при слегувањето не се повредивме и јас и тие, бидејќи во еден момент паднавме по скалите и со главите удривме во ѕидот. Сега, иако имам и натаму болки од забите не можам да слезам долу бидејќи ми е страв да не се повредиме јас и соседите – објаснува таа.

Нејзините зборови ги дополнува мајка ѝ Калина Димитриевска.
– Големи маки имаме. Ќерка ми повеќе од две години нема излезено надвор од станот. Порано редовно ја носевме надвор на чист воздух и на прошетка. Како сега да ѝ објаснам дека поради тоа што не работи лифтот не можам повеќе да ја изведувам на прошетка. Од нервоза си ги изеде непцата од забите. Секој ден јас алармирав до СИЗ за домување во Битола да го поправат лифтот, од таму ми беше велено дека наскоро ќе се направи лифтот. Но, за жал, ништо од тоа. Лага до лага – раскажува со солзи во очите, мајката на девојката со церебрална парализа.
Ништо подобра не е состојбата и на претседателката на Советот на станари, Вера Мискарова.

– Имам тумор во желудникот и срцево заболување. Никако не смеам да се качувам по скали според мојата дијагноза. Лекарот ми советува дека морам да излегувам на воздух. Но како да излегувам. Да летнам од горе од шести кат? Не можам да ги качувам скалите, па ретко одам и да пазарам за јадење – вели резигнирано Вера Мискарова, претседателка на Куќниот совет на социјалната зграда во Битола.
Станарите на оваа социјална зграда во неколку наврати барале од СИЗ за домување да го поправи лифтот, но, за жал, сите молби не дале плод.

Во таква ситуација тие со претставки се обратиле до народниот правобранител во Битола, до комуналната инспекција на општината, а и до премиерот на Владата, Димитар Ковачевски. Но, за жал, од секаде добиле одговор дека не можат да им помогнат и дека единствено решението е во јавното претпријатие за домување со станбен и деловен простор, кое стопанисува со зградата, да го поправи лифтот.
Во врска со проблемот на станарите од социјалната зграда на улицата Смилевски конгрес број 25 во Битола се обративме до надлежните, до АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

– Веднаш по утврдување техничка неисправност на лифтот во социјалната зграда на улицата Смилевски конгрес надлежните служби на АДИССД преку овластен сервисер започнаа постапка за надминување на ситуацијата. По извршените проверки е утврден проблем со моторот, чија репарација и покрај вложените напори не беше изводлива. По исцрпување на сите обиди, друштвото донесе одлука за набавка на нови, компатибилни делови во насока на сеопфатна поправка. Во оваа насока, преземени се соодветни активности во однос на објавување тендер за набавка на услуга за техничко одржување и сервисирање лифтови и лифтовски постројки, откако претходно беше распишана тендерска постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи. Нашето друштво има целосно разбирање за проблемите со кои се соочуваат лицата.

Тендерот за набавка на услуга за тековно одржување и сервисирање лифтови и лифтовски постројки со кој се бара економски оператор за одржување и сервисирање на лифтови во објекти со кои стопанисува АДИССДП е веќе објавен и ќе биде отворен на средината на овој месец. Во оваа насока посочуваме дека неговата подготовка беше сложена и обемна со оглед на спецификацијата, која мораше да претрпи измени поради карактеристиките на дефектот. Изборот за најповолен понудувач ќе заврши веднаш по спроведувањето на сите постапки што ги предвидува Законот за јавни набавки. Во меѓувреме, тендерската постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи е во поодмината фаза, односно во моментов се врши евалуација. Нашето друштво има целосно разбирање за проблемите со кои се соочуваат лицата корисници на овие станови, поради што максимално го забрзува целиот процес, но тоа мора да биде во рамките на законски предвидените рокови – ни изјавија од АДИССДП – Скопје.
Но станарите, кои стрпливо чекаа да се поправи лифтот веќе изгубија секаква доверба дека лифтот за брзо време ќе се поправи и одлучија да го тужат претпријатието.

Тие веќе ангажираа адвокат и ќе бараат надомест на штета за сите маки што ги доживеале по расипувањето на лифтот.
Колку и да се трудат надлежните да ги смират станарите дека штом заврши постапката на тендерот за избор на најповолна понуда за поправка на лифтот, нивниот проблем ќе се реши, се чини дека малку кој од жителите на спорната зграда им верува. Сепак за нив во најмала рака е чудно како за две години не можеше да се најде решение и да се поправи лифтот за да им се скусат маките на станарите, кои цели две години не можат едноставно да имаат нормален живот.