Во изминатите три недели голем број деца од Кичево на возраст од 3 до 10 години реализираа пет проби во трпезаријата од црковниот храм„ Свети Петар и Павле “ каде се подготвуваа за годинешната Бадникова поворка, која ќе се движи низ кичевските улици на ден Бадник, со што ќе го најави Рождеството на Синот Божји. Како што се очекуваше бројот на деца кои ги посетуваа часовите и ја учеа каландата „Вечниот Бог“ , од час во час беше се поголем и за последните часови во трпезаријата имаше околу 200 дечиња.
-Со петтата по ред проба завршивме со подготовките за Бадникова поворка 2024 год. кога дечињата од нашиот град на возраст од 3 до 10 години ќе го обиколат градот пеејќи ја милозвучно каландата„ Вечниот Бог“ со што ќе го најават рождеството на Синот Божји. Како и претходните години така и годинава бројот на дечињата од час во час се зголемуваше како се ближи денот на Бадникови поворки.Тргнувањето на Бадниковата поворка во нашиот град ќе се случи во сабота 6 јануари, на празникот Бадник од храмот„ Свети Петар и Павле“ во 11 часот а по обиколката на поголем број улици во градот дечињата ќе се вратат на градскиот плоштад каде ќе добијат пристојни подароци ќе ја испеат каландата Вечниот Бог и ќе се фотографираат за спомен пред Божиќната пештера и новогодишната елка-истакна Бошко Сарафилоски, верник кој ги водеше подготовките на дечињата за Бадникова поворка.
Инаку интересот на граѓаните за овој ден е исклучително голем и на повеќето улици дечињата ќе ги поздрават како нивните најблиски така и останатите граѓани од Кичево од кои , исто така, ќе добијат подароци..
Тој додаде дека повозрасните дечиња кои и претходните години беа дел од Бадникова поворка изработуваа ѕвездички од хартија, кои ќе им бидат поделени на дечињатат кои ќе бидат дел од овој настан.