Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, годинава по седми пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија што ќе испратат една своја необјавена песна на e-адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик.
Со учеството на овој конкурс истите тие автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 1 март 2024 година.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослават и да се овековечат, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко. Специјалната награда „Антево слово“ ќе биде координирана од интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претставник на здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели пролетта 2024 година, во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда што е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со работата како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.