Фото: Игор Бансколиев

Заврши претресот на амандманите за Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот за додадена вредност, по скратена постапка, на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања. Седницата ќе продолжи во понеделник со амандманска расправа за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, по скратена постапка –

Новите закони од даночната реформа не добија поддршка од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека тие се штетни за македонската економија.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска истакна дека бараат дебата за да образложат зошто е важно да не се зголемува ДДВ-то со цел, како што рече, домаќинствата да продолжат да се греат на пелети и со цел да се заштити животната средина.

Додека пак, пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска Ванчева укажа дека ниту едниот ниту вториот амандман правно и технички не можат да бидат усвоени. Таа потенцира дека ако бидат усвоени и едниот и другиот на начин како што се предложени, нема да направат ништо, односно ќе се избрише одредбата од постоечкиот закон каде што стои повластената стапка од 5 проценти.