Архива / Фото: Игор Бансколиев

Во Собранието денеска напладне се очекува да започне средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата – владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица, партиите од Европскиот сојуз за промени, на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада. На средбата која треба да започне во 12 часот, ќе присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Од Собранието велат дека лидерската е организирана од Влада и засега нема најава за одложување.

Најголем дел од парламентарните партии го потврдија присуството на средбата. Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај. Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите, потоа датумот за изборите и Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со став дека е прифатлива лидерска средба, но на која би се разговарало за конечно прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ.

Ковачевски, во саботата рече дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.

-Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот – изјави Ковачевски.

Финалниот збор за датумот на одржување на парламентарните и претседателските избори, како што рече, треба да го кажат партиите, но според календарот најголема можност за такво нешто е во месецот мај, потсетувајќи дека следната година ќе бидат први редовни парламентарни избори во нашата држава по 2006 година.

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи синоќа изјави оти смета дека е важно прашањето за уставните измени да се отвори на лидерската средба. Според него, уставните измени ќе се случат, како што тврди, најкасно шест месеци од денеска, во која било комбинација.

Османи, во гостувањето на телевизија Сител, порача дека државата не може да стагнира на европскиот пат, бидејќи, како што рече, тоа е нашиот кислород и врзивно ткиво. Според Османи уставните измени ќе се случат и ќе гласаат токму актерите кои денеска се противат, за како што вели, да добијат на избори. Без уставни измени, нагласи тој, нема продолжување на преговорите и тоа е јасно.

– Скринингот завршува оваа недела, и тоа со поглавјето за МНР. Извештајот таму потврди 100 проценти усогласеност во надворешната политика, многу добар напредок, меѓутоа такви се правилата – изјави тој.

Османи, исто така, посочи дека ние сме еден чекор напред и во споредба со Албанија, но дека не очекува во декември да има поместување.

Министерот и портпарол на ДУИ, исто така, рече дека техничкиот премиер ќе биде на предлог на ДУИ и дека може да биде Талат Џафери, но дали ќе биде, сепак за тоа треба одлука од органите на партијата, кои, како што рече, ќе се состанат следнава недела.