Фото:Маја Јаневска Илиева

Пратениците во Собранието денеска расправаа за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот.

Пратеникот Скендер Реџепи истакна дека најдобриот пат за сите граѓани е тоа што треба да се отворат нови хоризонти кои водат кон Европската Унија и да се затворат етничките прашања.

– Сепак, песимист сум дека може да има уставни промени, не по вина на Владата, туку по вина на пратениците Македонци, кои имаат лажен национализам и повеќе мислат на парламентарните избори, отколку на иднината на државата, рече Реџепи.

Според Халил Снопче од „Алијанса за Албанците“ зачленувањето во Европската Унија претставува најголема сигурност за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ рече дека булеварот „11 Октомври“ кој поминува покрај Собранието е најголем показател дека граѓаните се за европска иднина.

– Таа слика покажува и докажува дека граѓаните се за ЕУ, за подобар животен стандард, за интеграција, а не за изолација, непредвидливост и статус кво, рече Адеми.

Фадил Зендели од БЕСА побара бришење на одредницата „20 проценти“, која, според нив, ја ограничува употребата на албанскиот јазик. Според него, единственото решение е што побрзо да се оди на предвремени парламентарни избори, за, како што рече, да им се даде нова можност на граѓаните да се изјаснат околу процесите што ги имаме.

Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.