Селекцијата на кандидати за контролори на летање во државната М-НАВ, компанија на која Македонија и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава, е времено е прекината за неколку дена и продолжува идната недела, велат од компанијата и од Струковиот синдикат на контролори за летање, кој го надгледува процесот на избор.
Компанијата бара осум контролори за летање, за што се пријавиле 250 кандидати. Прекинот на процесот на селекција кој се одвива во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а за кој е задолжена лиценцирана фирма од Данска, предизвика низа шпекулации за можен притисок при изборот.
-Селекцијата е само времено прекината. Еден од инструкторите поради приватни причини мораше да замине дома и се очекува да се продолжи во понеделник. Вчера се случи прекин, за кој реагирвме, и по состанок на Управниот одбор на М-НАВ добивме објаснување дека компанијата барала извештај за досегашната работа. Ние се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа – објаснува Александар Тасевски, претседател на струковиот синдикат.
Досега седуммина кандидати ја поминале обуката.
-Прво се прави предтестирање, а потоа тестот што се полага е на три дела. Оние кои ќе поминат одат на лекарски преглед, а потоа се прави интервју со нив. Дури потоа се одлучува кој ќе биде вработен. Наскоро ќе има повторно тестирање и селекција и ќе се потрудиме да влезат оние кои нема да се вработат, ако положат повеќе од осум лица, зашто се веќе обучени. Инаку, се полага на вежби кои ги дава Еуро-контрол – вели Тасевски.
Фахрудин Хамиди, претседател на Управен одбор на М-НАВ и директор на Контрола на летање исто така вели дека селекцијата не е прекината.
-Поради ситни технички проблеми таа беше времено запрена. Еден од инструктурите мораше да отсуствува поради приватни причини – објаснува Хамиди.
Тој вели дека дезинфомациите не се новина при вакви процеси.
– Нема притисоци за конторла на летање. Се работи по европски регулативи кои мора да се почитуваат – додава Хамиди. Н.Б.З.