Вработените во здравствената установа ГОБ „8и Септември“ утре ќе протестираат пред влезот на болницата поради неисплатената плата.
Од болницата најавија дека протестот ќе се случува од 13 до 13.30 часот, за време на законската пауза што нема да го наруши работниот процес во здравствената установа.
Ги повикуваат нивните колеги да се приклучат кон мирниот протест и да го изразат своето незадоволство.
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) претходно соопшти дека најдоцна до понеделник ја очекува потребната документација за исплата на плати од сите јавни здравствени установи, по сајбер-нападот на системот за работа во оваа институција од почетокот на минатата недела.
Проблемите предизвикаа револт кај здравствените работници, кои преку синдикатите порачаа дека ако до утре не земат плата, ќе преземат други чекори за да си ги добијат парите.
Првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски изјави дека решение е најдено и повика на трпение.