Под мотото „Сите сме исти“ стотина деца и млади денеска парадираа во Струга за поддршка на децата со аутизам. Настанот се одржа во организација на акцијата промоција на хумани вредности ЦКА-ПХВ при Црвениот крст, во соработка со основното училиште „Браќа Миладиновци“ и здруженијата за лица со посебни потреби „КФДК“ и „ОРТУС“.
Парадата почна од дворот на ОУ „Браќа Миладиновци“, низ струшките улици до чаршискиот мост, каде беше поставен штанд со кутија и продукти за помош.
Целта на настанот, според секретарот на општинската организација на Црвениот крст во Струга Адуриме Даути, е да се подигне свеста за лицата со аутизам. Настанот, додаде, се одржува во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на лицата со аутизам – 2 април.
– Целосно треба да се прифатат децата со посебни потреби и тие да се вклучени во секојдневните случувања и едукација, а инклузијата да се применува и во реалноста не само на зборови – порача Даути.
Според неа, потребно е да градиме навики дека тие деца се околу нас и со нас и да ги прифатиме како дел од нас.