Изминатите две години Владата покажа дека реформите не се декларативна определба, туку конкретна работа што се мери преку резултати, економски показатели и создавање подобри услови за живеење на граѓаните. Нашата цел е изградба на функционални институции, посилно владеење на правото, поефикасна администрација, конкурента економија. Тоа не го правиме зашто некој го бара од нас, туку зашто веруваме дека е единствениот исправен пат. Во тој процес ја цениме поддршката од ЕУ. Истовремено, очекуваме европската интергација да остане процес што се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес оптоварен со билатерални прашања, кои создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.

Како што напомена Мицкоски, важно е да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат за сите други кандидати и држави што биле кандидати.
– Нашата определба останува непромента – ќе продолжиме со реформите, ќе ги зајакнуваме економијата, институциите и владеењето на правото. Остануваме доследни и на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано на заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна предвидлива европска перспектива – истакна прермиерот.
Тој оцени дека денешната посета на Кос е можност за отворен, искрен и суштински разговор за македонската европска перспектива, за реформите што земјата ги спроведува и за потребата, како што нагласи, проширувањето да остане доследно на принципите на ЕУ – доверба, предвидливост, еднаков третман и почитување на достоинството на секоја држава кандидат.

-Верувам дека денешните разговори ќе придонесат за подобро меѓусебно разбирање и натамошно зајакнување на партнерството со ЕУ, засновано на доверба, почитување и заедничка одговорност за стабилноста и просперитетот на регионот – подвлече премиерот Мицкоски, пренесува МИА.


































