СЛАВНИ УМЕТНИЦИ ШТО ЗАВРШИЛЕ НЕСЛАВНО
Приказните за генијални уметници што наводно се бореле со ментални болести се длабоко вкоренети во популарната култура. Винсент ван Гог си го отсекол увото за време на психотична епизода, балетскиот танчар Васлав Нижински развил шизофренија и ги поминал последните три децении од својот живот во болница, а писателката Вирџинија Вулф живеела со биполарно растројство и извршила самоубиство поради тешка депресивна епизода, давејќи се во реката Оус. Американската писателка Силвија Плат извршила самоубиство на 30-годишна возраст со затнување на сите пукнатини во кујната со партали, ставајќи ја главата во рерна и вклучувајќи го гасот…
Списокот на познати личности што јавно зборувале за своите ментални нарушувања е долг: од починати уметници како Курт Кобејн, Сид Барет и Робин Вилијамс, до живи ѕвезди како Кетрин Зета-Џонс, Роби Вилијамс и Мараја Кери. Но дали креативноста и тешката ментална болест навистина се неразделно поврзани или тоа е мит што преживува благодарение на драматичните биографии?
Идејата за „лудиот гениј“ датира од антиката, а особено се зајакнала во периодот на романтизмот, кога уметниците честопати свесно се претставувале како ексцентрични јавни личности и исклучителни поединци. Норвешкиот сликар Едвард Мунк го сметал своето психолошко „страдање“ за неразделен дел од неговата уметност, а поетесата Едит Ситвел наводно лежела во отворен ковчег за да најде инспирација. Со децении, ваквите примери го поттикнувале верувањето дека менталната болест речиси е предуслов за врвна уметност, а студија од 1995 година, заснована на повеќе од илјада биографии, дури сугерирала дека креативните професии се поврзани со повисока стапка на тешка психопатологија.
Што вели модерната наука?
Парадоксот е во тоа што денес постојат многу докази дека занимавањето со уметност има позитивен ефект врз менталното здравје. Како што објаснува професорката по психобиологија и епидемиологија Дејзи Фанкорт од Универзитетскиот колеџ во Лондон и авторка на книгата „Лек за уметност – наука за тоа како уметноста го трансформира нашето здравје“, уметничкото изразување може да го намали стресот и да го подобри расположението.
Но професионалниот живот на уметникот често е психолошки тежок поради неизвесните приходи, постојаната конкуренција, јавното изложување и притисокот на славата. Тоа носи дополнителни ризици, од злоупотреба на разни супстанции до нездрав фокус на себеси. Интересно е што истражувањето од 1997 година покажа дека како што Курт Кобејн и композиторот Кол Портер станувале сè попознати, сѐ повеќе ги користеле заменките „јас“, „мене“ и „мој“ почесто во текстовите на своите песни.
Сепак, науката не ја негира секоја врска. Генетските истражувања покажаа дека одредени варијации на гени се поврзани и со креативното размислување и со поголем ризик од психоза. Истото важи и за некои особини на личноста – отвореност кон разни искуства, склоност кон нови работи и емоционална чувствителност – кои можат да се појават и кај уметниците и кај лицата со ментални проблеми. Но врската е далеку од едноставна бидејќи тешката ментална болест честопати го отежнува или го оневозможува творештвото. Вирџинија Вулф ги опишала своите депресивни епизоди како состојба во која „не може ниту да пишува ниту да чита“. Со други зборови, болеста не мора нужно да ја стимулира креативноста, туку често ја задушува.
Разбивање на митот
Најубедливиот удар врз митот за „лудиот гениј“ дојде во 2013 година, по резултатите од една шведска студија во која биле анализирани повеќе од 1,2 милион луѓе во период од 40 години. Таа покажа дека луѓето со шизофренија и шизоафективни и анксиозни нарушувања имаат помала веројатност да работат во креативни професии од просечната популација. Единствениот благ исклучок е биполарното растројство, со околу осум проценти поголема веројатност за овие луѓе да работат во креативни занимања.
Поинтересно откритие покажа нешто друго: родителите и браќата и сестрите на луѓе со сериозни ментални болести имале поголема веројатност да бидат креативни професионалци. Ова укажува на можноста дека поблагите, супклинички особини – како што се хипоманијата или шизотипијата (склоност кон психоза) – можат да ја поттикнат креативноста без разорните ефекти од болеста.

































