Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието вечерва по 19 часот продолжи со работа во рамки на 104. седница за реконструкцијата на Владата, за која се дебатира веќе четири дена. По расправа од час и половина во рамки на попладневното продолжение на седницата, потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисевски објави пауза и најави работа и по 19 часот.

На стартот на вечерашното продолжение на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална реакција го обвини Мисевски за самоволие и злоупотреба на Собранискиот деловник.

Според Мицевски, Мисовски во отуство на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е на службено патување во Словенија, немал право усно да објави продолжување на работата на Собранието.

Мицевски праша по кој член од Деловникот Мисевски ја продолжил работата на законодавниот дом и посочи дека така можел да постапи само со писмен документ од Џафери.

-Да имавте писмен документ од Џафери со факсимил и тоа е прифатливо. Не сте вие тие што можете после 18 часот да продолжите седница усно. Го кршите Деловникот по милијардити пат – рече Мицевски.

Неговата сопартијка Ели Панова побара Мисовски да ја прекине седницата, а одлуката на потпретседателот на Собранието ја критикуваше и Драган Ковачки.

Мисовски оцени дека тврдењата на Мицевски се неиздржани. Образложи дека постапил според член 71 став 2 од Деловникот според кој „во случај на спреченост или отсуство на претседателот, него го менува потпретседателот“.

-Претседателот ја прекинува седницата на барање на координатор, кога бараш пауза го бараш претседателот или мене? – рече Мисовски, посочувајќи му на Мицевски дека, како што рече, кога прд некој ден побарал порано да биде прекината седница поради обврска на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не го побарал претседателот на Собранието.

Пратениците се уште расправаат по првата точка на дневниот ред – предлогот за разрешување на членови на Влада, на досегашните министри за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Тие се кадри на Алтернатива која ја напушти владината коалиција и ќе бидат заманети со министри од Алијанса за Албанците, новиот коалициски партнер во Владата.