Под засилена полициска безбедност, во организација на локалната самоуправа, денеска во Делчево беа одбележани 151 година од раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба и патрон на градот Гоце Делчев. Официјалниот дел од настанот започна со читање реферат за неговите живот и дело од страна на КУД „Гоце Делчев”, по што на неговиот споменик свежо цвеќе положија повеќе делегации на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски во својата изјава истакна дека Делчев е лик од кој треба да учиме како да се сака и гради општината и државата и е револуционер кој обединува, а не разединува.
– Денеска го чествуваме денот на раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба и патронот на Делчево. Во таа чест се поклонуваме пред Делчев и достоинствено оддаваме почит на неговиот лик и дело. Како следбеници на ликот и делото на Делчев ги промовираме неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град достоен носител на неговото име. Учејќи од него, продолжуваме по патот на прогресот, градејќи достоинствена македонска држава – рече Трајковски.
Околу улогата на Делчев за македонската револуционерна борба, Трајковски цитираше дел од неговата позната максима.
– Јас не сакам востание со луѓе кои ќе ме напуштат при првиот неуспех, јас сакам револуција со граѓани кадарни, да ги понесат сите искушенија, на една долготрајна борба, каква поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – ова е порака на Делчев запишана од пред скоро два века, која и денеска во 21 век е актуелна за Македонија и е мотивирачка за нас, неговите следбеници кои имаме обврска да ја градиме нашата држава и бескомпромисно да се вложуваме во зацртаниот пат на развој и просперитет, во патот за влез на нашата држава во европското семејство, додаде Трајковски.
На настанот немаше присуство на гости од други држави, а половина час пред официјалниот настан свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот великан положија претставници на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.