Кореографката Рисима Рисимкин и танчерите на „Скопје танцовиот театар“ од 24 до 31 август годинава ќе гостуваат на сцената на Фестивалот на Шекспир во Верона, Италија, со што повторно ќе бидат претставници од земјава на еден извонреден и многу значаен фестивал. Фестивалот е формиран во 1948 година и годинава ќе полни 75 години постоење, на неговите сцени се создавала богатата историја на веронските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчари, кореографи итн. Фестивалот, чија историска и уметничката вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво.
– За мене, женските ликови во драмите на Шекспир се особено интересна тема и предизвик ми е да истражувам и создавам во тој контекст, врз кој се базира креацијата на претставата „Леди Магбет (квартетот)“. Темава е актуелна и во контекст на времево во кое живееме и сакам да повлечам паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и современите аспекти на темите што тој ги опфаќа – вели Рисимкин.
Континуираните настапи на „Скопје танцовиот театар“ на светските сцени, кој во изминативе години настапува во Њујорк, Париз, Пекинг, Хаг, Амстердам и други значајни центри на културата, за што добива извонредни критики, се потврда за квалитетот и неопходноста од оваа компанија, која создава и негува млад уметнички кадар.