Фото: „Нова Македонија“

ВМРО-ДПМНЕ денеска во Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски, кој како поранешен министер за внатрешни работи лично и директно е одговорен за хаосот со личните документи, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

Кривична пријава се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон.

Оливер Спасовски, како што нагласи, во својство на министер за внатрешни работи во период од околу две и пол години издавал лични документи кои знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок отколку што е ставен во документите, туку тие ќе престанат да важат на 12.2.2024 година.

– Во период од 12.2.2019 се до средината на 2021 година тој свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи, кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета. Две ипол години тој ја донесува македонската јавност, граѓаните на Република Македонија во заблуда со ова негово постапување. Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата – изјави Јанушев.

Јанушев очекува од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски бидејќи, како што рече, одговорност во оваа држава мора да има. Апелираше новоизбраниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да покаже дека е професионалец.