Фото: ФБ Владо Мисајловски

Во пресрет на 18 Август – Денот на формирањето на Армијата на Република Северна Македонија, владина делегација составена од министрите за одбрана, внатрешни работи и социјална политика, Владо Мисајловски, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, заедно со делегација на Армијата, со воени почести положи венци на партизанските гробишта во Скопје, пренесе МИА.

Венци со свежо цвеќе биле положени и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, како и на генералот Михаило Апостолски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на својот Фејсбук-профил порача дека со оддавањето почит се зачувува споменот на борците кои ги положиле своите животи за слободна и независна Македонија.

-Нивната жртва и нивното дело се дел од нашата историја и наша обврска е да го чуваме споменот за нив – напиша Мисајловски.

Тој упати порака дека споменот на оние кои дале придонес за државата треба да остане трајно зачуван.