Фото: Влада

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека Владата преку АА програмата и проектите со Светската банка досега инвестирала, или во моментов инвестира, околу девет милиони евра во инфраструктурниот развој на Велес, пренесе МИА.

Говорејќи при посетата на градот, Николоски посочи дека станува збор за значајни инвестиции кои се реализираат преку повеќе проекти.

-Денеска започнува реконструкцијата на две улици, а една веќе е завршена. Дополнително, преку проектот што го реализираме со Светската банка успешно се завршени три инфраструктурни проекти во вредност од околу половина милион евра – рече Николоски.

Тој потсети дека неодамна е завршена и изградбата на објектот за социјални станови и најави дека соработката меѓу Владата, локалната самоуправа и пратениците ќе продолжи со цел реализација на нови капитални проекти во Велес.

Градоначалникот Марко Колев оцени дека реализацијата на проектите се одвива со добра динамика и ја поздрави поддршката од Владата.

Според него, станува збор за проекти кои со години биле најавувани, но не биле реализирани поради недостиг на финансиски средства.

Колев информираше дека интензивно се работи на реконструкцијата на улицата „11 Октомври“, за која претходно биле завршени сите подготвителни активности, додека улицата „Васил Главинов“ пред неколку дена е целосно асфалтирана.