Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница запре повеќе постапки и отфрли неколку пријави, откако утврди дека по наводите веќе постапувале надлежните институции или биле преземени соодветни мерки во рамките на нивните законски овластувања, пренесе МИА.
Еден од затворените предмети се однесува на анонимна пријава за исплата на додаток на плата од 15 проценти во Агенцијата за финансиска поддршка. По вонредниот инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд не утврдил неправилности, по што ДКСК ја запрела постапката.
Комисијата ја отфрли и пријавата против градоначалник на една општина, која се однесувала на управна постапка за утврдување статус на бесправно изграден објект. Од документацијата било утврдено дека за случајот веќе постапуваат надлежни институции, меѓу кои и Основното јавно обвинителство.
Запрена е и постапката по анонимна пријава за работењето на правно лице кое врши погребални услуги. По барање на ДКСК, Државниот пазарен инспекторат извршил вонреден надзор, при што биле констатирани прекршоци и преземени соодветни мерки. Поради тоа, Комисијата оценила дека нема основ за понатамошно постапување.
На седницата беа разгледани и други предмети, при што ДКСК донесе одлуки за нивно запирање или отфрлање, оценувајќи дека по пријавените наводи веќе постапувале надлежните институции или биле спроведени потребните контроли и инспекциски надзори.
































