Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за состојбата со загадената вода во Гостивар морална одговорност треба да понесат сите локални функционери, почнувајќи од градоначалникот, додека за евентуална кривична одговорност, како што рече, треба да се произнесе Обвинителството, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Велес, Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да им помага на граѓаните на Гостивар со обезбедување вода за пиење.

-Од градоначалникот па надолу сите треба да понесат морална одговорност. Паралелно, очекувам Обвинителството да утврди дали постои и друг вид одговорност. Ние како Влада ќе продолжиме да им помагаме на гостиварци со снабдување со вода за пиење – изјави премиерот.

Тој посочи дека надлежните владини институции за два дена ги завршиле своите активности, а Институтот за јавно здравје веќе ги доставил резултатите до Обвинителството.

-Сега на потег е Обвинителството, кое треба да ја даде правната квалификација на случајот – рече Мицкоски.

Премиерот информираше дека Владата вчера обезбедила 50.000 литри пакувана вода за жителите на Гостивар, а денеска се очекува испорака на уште три шлепери со повеќе од 60.000 литри вода, кои ќе бидат дистрибуирани до граѓаните.

Тој потсети дека, според препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје, водата од гостиварскиот водовод во моментов не смее да се користи ниту за технички потреби, ниту за лична хигиена.

Според него, локалното јавно претпријатие „Водовод“ треба веднаш да започне со чистење и хлорирање на водоводната мрежа, по што, во рок од неколку дена, водата би можела да се користи барем за технички потреби.

Мицкоски најави и анализа на реконструкцијата на водоводниот систем во Гостивар, која беше завршена минатата година.

-Ќе се анализира целокупната документација, вклучително и работата на надзорот кој го потпишал извештајот за проектот. Сè ќе биде детално проверено – истакна премиерот.

Тој додаде дека Владата реагирала и во делови кои не се во нејзина надлежност, бидејќи, како што рече, на локално ниво имало „летаргија“ во постапувањето.