Собранието на денешната пленарна седница ја констатираше оставката на уставниот судија Гоце Наумовски, со што официјално му престана функцијата, пренесе МИА.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, информираше дека Наумовски нема да ја образложи својата оставка пред пратениците.
-Согласно член 121 од Деловникот на Собранието, уставниот судија има право да ја образложи оставката. Бидејќи сум известен дека тоа нема да го направи, констатирам дека, согласно Деловникот, му престанува функцијата – изјави Милошоски.
Гоце Наумовски оставката ја поднесе на 16 јули. Од Уставниот суд тогаш соопштија дека не добиле официјално известување од него, но претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, добил потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Со заминувањето на Наумовски, Уставниот суд ќе продолжи да работи со седум судии.
Наумовски беше избран за уставен судија на 18 февруари годинава, кога Собранието го поддржа неговиот избор со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани.
































