Вечерва заврши првиот ден од официјалната посета на Димитар Ковачевски и на владина делегација од Македонија на Бугарија.
Работниот дел од официјалната посета започнува утре, во вторник на 25 јануари со пленарната меѓувладина седница со која ќе копретседаваат претседателите на владите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Агендата предвидува тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и состанок на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Теодора Генчовска.
Премиерите и министрите на двете влади после одделните работни средби е предвидено да продолжат со пленарната седница на којашто ќе бидат презентирани резултатите од работните групи, после што ќе следува потпишување меморандуми и договори за соработка.
Работниот дел на заедничката седница на Македонија и на Бугарија завршува со прес-конференција на премиерите Ковачевски и Петков на која пред новинарите и јавноста ќе ги презентираат резултатите од меѓувладината сесија.
Во попладневните часови утре, Ковачевски, придружуван од членови на Владата, ќе има одделни средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и со претседателот на бугарското Собрание, Никола Минчев.