Фото: Маја Јаневска-Илиева

Училиштата имаат раководства кои се надлежни за организирање непречен воспитно-образовен процес, а тоа значи и обврска да се грижат за безбедноста на учениците додека престојуваат во објектите, велат од МОН во врска со тоа што ученици поради страв деновиве отсуствуваа од наставата во училиштата каде што беа пратени лажни дојави за поставени бомби.

– Општините под чија и надлежност се основните и средните општински училишта, МОН и МВР секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна каква била дополнителна поддршка, затоа што најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите се секогаш приоритет на институциите на системот – одговорија од МОН за МИА.

Во однос на загубените часови во училиштата од кои беа евакуирани учениците додека траеја проверките од полицијата, од Министерството велат дека се работи за неколку загубени наставни часови во неколку училишта и оти секој наставник индивидуално наоѓа начин како за време на наставата во првото полугодие ќе го надомести тоа што е пропуштено.