Фото: Архива

Ако се следат партиските активности, лесно може да се заклучи дека предизборните кампањи во Македонија никогаш и не прекинале, туку ескалираат, па деескалираат и сѐ така во континуитет, без да прекинуваат. Тоа, според соговорниците, со доза на алегорија, е „некаков македонски специјален феномен на парламентарни избори“. Се разбира дека постои законска регулатива за ова и предизборната кампања трае 20 дена пред гласањето, но неформално таа си има свој континуитет без прекин. Но од гледна точка на граѓаните, зошто јавноста треба перманентно да живее во политички пресинг, тензија, па и притисок како божем утре ќе има избори

Растрчани партиски лидери по вечерни трибини или по денски средби со граѓани. Секојдневни партиски советувања, говори полни со ветувања и настапи како во ек на предизборна кампања. Сето ова е дел од политичката слика во Македонија, која последните недели добива интензитет. Се подготвуваат ли партиите во Македонија за предвремени избори, а јавноста за тоа не е информирана, е дилемата што останува да лебди. Од друга страна, ако се следат партиските активности, лесно може да се заклучи дека предизборните кампањи во Македонија никогаш и не прекинале. Во зависност од интензитетот, тие почнуваат веднаш по изборниот ден и траат до следното гласање. Иако во државата законски предизборната кампања трае 20 дена пред гласањето, таа си има свој континуитет без прекин. Но се отвора прашањето зошто јавноста мора постојано да живее во политичка тензија како утре да ќе има избори? Може ли таа граѓанска енергија да се пренасочи на друго, поконструктивно и попродуктивно поле, кое ќе има и поширок јавен интерес? На пример, комунални ангажмани, добротворни активности, со социјален или, пак, спортски карактер.

Состаноци, трибини, средби со граѓани…

Иако премиерот Димитар Ковачевски тврди дека изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година, сепак искуството покажува дека зачестените граѓанско-партиски трибини, на кои присуствува премиерот, обично се увертира на предизборен период. Така, премиерот пред два дена беше на трибина со граѓани во Делчево. Претходно беше на трибина на СДСМ во Крива Паланка. А пред тоа беше на трибина во Прилеп.
И опозицијата, која посакува предвремени избори е мошне активна на терен со партиски средби, но не открива дали има некаков договор за избори. Првиот човек на опозицијата пред некоја вечер остварил состанок со Општинскиот комитет – Илинден. Два дена претходно бил на состанок со Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Охрид и го посетил градот. Претходно Мицкоски присуствувал на отворање на нов дом на културата во населеното место Прдејци во општината Гевгелија.

Да се држи членството во кондиција

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека политичко-партиската практика на нашите политички елити е секогаш да го држат своето членство во мобилна кондиција, бидејќи со зачестените предвремени парламентарни избори кај нас во последниве петнаесетина години, партиите се научија на постојана кампања и да бидат на штрек за евентуални идни такви.
– Предвремените парламентарни избори не само сега туку и секогаш, со исклучок на некои крајно вонредни ситуации, се непотребни бидејќи секогаш кога нема да знаеме што да правиме со себе, ние организираме предвремени парламентарни избори и потоа не се менува ништо, освен што ќе се потрошат милиони евра за нивна организација и партиски кампања. Во овој даден момент, сите релевантни политички партии мора да се сосредоточат на потребните реформи во скрининг-процесот и да ја подготват Македонија за отворање на преговорите и поглавјата со Европската Унија. Сѐ друго е антидржавничко и само лично – партиско однесување и интерес – вели Атанасоски.

Нема институционални механизми што ќе понудат алтернатива за непродуктивните кампањи

Според него, за жал, Македонија или нема, или и тие институционални механизми што ги има, се само на хартија.
– Институциите на системот се толку слаби, партизирани и под влијание на политички центри на моќ, пополнети со партиски кадри како човечки материјал, па оттука ние гледаме дека воопшто партиите не се санкционирани за нивната перманентна политичка кампања што ја водат 24/7, како да се во официјален предизборен процес – вели тој.
Атанасоски посочува дека за ваквото антидемократско поведение, нужни ни се отворени европреговори, кои мораат да ја сменат оваа практика, кога веќе не може целосно да ја искоренат.
– Бидејќи овој воспоставен „стандард“ во овие три децении на повеќепартиска демократија не лични на ништо, односно личи на африкански стандарди за разбирање на политиката и демократијата – заклучува аналитичарот.

Егзистенцијалните прашања добија граѓански приоритет на интерес

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека уште откога опозицијата најави дека бара предвремени избори, таа веќе го мобилизирала своето членство и работи во таа насока.
– Власта, пак, посетата на градовите и правењето трибини ги оправдува со отчетност пред граѓаните за досега направеното, со ветување за идни проекти. Тоа е на некој начин „затскриена“ кампања – посочува Тоновски.
Според него, најчеста тема што со години провејува во јавноста е таа за одржување предвремени избори.
– Повеќе се зборува за избори отколку за подобрување на економијата. Можеби повеќе од изборите се зборува за односите со Бугарија – вели социологот.
Тој посочува дека граѓаните како веќе да изгубија чувство за темата партии и политика. Егзистенцијалните прашања добија приоритет, за жал, поради падот на стандардот на граѓаните.
– Граѓаните изгубија интерес за политика. Повеќе ги интересира како ќе го поминат зимскиот период од енергетски и економски аспект – заклучи Тоновски.