Фото: Кабинет на претседател

При посетата на кабинетот на Пендаровски

Во рамки на Отворен Кабинет, активност која овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски, денеска шефот на државата го посетија ученици од ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје.

Како што информираат од Кабинетот, децата се запознале со претседателот Пендаровски и разговарале за неговата работа и надлежности, а имале можност и да присуствуваат во просториите во кои се одржуваат официјалните и работните средби, како и во салите во кои се одвиваат свечености, состаноци, седници на Советот за безбедност и прес-конференции.

– Од вработените во Кабинетот учениците беа информирани за историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција, а го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски, поставен на двата ѕида во Мозаик салата – се наведува во соопштението на Кабинетот.

Дополнуваат дека денешниот настан е дел од проектот „Лице в лице со претседателот“, во рамки на кој, досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од државава.