Фото: МСМЈЛК

Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија. Со овој стих на великанот Ацо Шопов, објавен пред четириесет и три години, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска го започна своето обраќање на свеченото отворање на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Таа напомена дека овој стих, се чини ја одразува смислата на Школата, која годинава е во чест на Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање.

– Во сето време досега, токму странските македонисти и слависти се оние кои овозможија во една убава смисла да се остварува идејата дека „светот е судбина на Македонија“ – преку нивните беспоштедни заложби македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини. И тоа дури и во мигови кога како што би рекол Шопов, и ние почувствувавме дека „во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, / а светот е бремен од проблемите на Македонија“. Но и дека „Македонија ја дели судбината на светот, / а светот се судира со безброј македонски судбини.“ Ама во исто време, преку нивната решеност да се посветат на македонистиката и таа за нив да е животна определба, и нашата татковина постана судбина на светот, затоа што заложбите на странските македонисти и слависти се остваруваат не само во рамките на универзитетските центри и на меѓународната научна сцена, туку и воопшто преку афирмација на македонскиот збор и македонската мисла ширум светот – напомена Мојсова-Чепишевска.

Своето обраќање, таа им го го посвети и им го упати ним – на странските македонисти и слависти кои се учесници на Школата. Притоа и го цитираше кажаното од Шопов пред повеќе од половина век: „Доаѓам од југ, од Македонија, земја на стари паметници на културата, на црното сонце на игото и долготрајниот јарем, каде што крстот на судбината е полесен од пепелта на минатото, каде што мртвите не можат да умрат додека трае песната на живите, каде што на живите не им тежат гробовите на мртвите туку песните што ги пеат, каде што водата извира од срцата на фреските и, заплискана од сонцето без исток и запад, повторно се влева во истите тие фрески како скаменет вез на ѕидовите на постоењето и неизбежноста. Доаѓам, а една мисла повторно ме возбудува: колку разновидност, богатства, длабочини, колку патишта и различни судбини на една мала грутка земја која ја чувствуваме како наша татковина, како сиот свет во мало да застанал на неа, со пркос кон себе си и кон другите.“

– Денес, преку оваа, Трета зимска школа и навистина, сиот свет е застанат во оваа мала грутка земја која ние ја чувствуваме како наша татковина. Затоа што денес, виртуелно, но и духовно, со мисла и со збор, сплотени во определбата и желбата да ги изучувате македонскиот јазик, литература и култура, сите вие, од Европа, Америка, Азија и Австралија сте овде, на југ, во неговата и наша, ама уверена сум, веќе и ваша Македонија. Посакувам во следните шест дена, преку наставата што ќе ви ја овозможиме, уште повеќе да ја засакате и уште подобро да ја запознаете, онака како што ја доживувате вие, со сета ваша страст за македонистиката која ве доведе на оваа Школа, но и онака како што ја доживуваше Шопов – со старите паметници на културата, со сета разновидност, со сите богатства, длабочини, патишта и судбини… И за нив да продолжите да раскажувате во вашите културни средини, на вашите универзитети, во рамките на наставата, меѓу вашите колеги, но и во вашите истражувања и научни трудови кои ја говорат научната вистина или во вашите книжевни преводи – им порача Мојсова-Чепишевска на учесниците на Школата.

Повеќе од 40 учесници од 17 земји присуствуваат на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) која до 28 јануари ќе се одржува виртуелно.

Школата годинава е во знакот на одбележувањето на 100 години од раѓањето на поетот и книжевен преведувач Ацо Шопов што се организира во соработка со УНЕСКО. Покровител на чествувањето на јубилејот е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој на отворањето на Школата во видеопорака истакна дека бројот на учесници и земји годинава сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик на што, како што рече, сите треба да бидеме особено горди.

-Без дилеми, меѓу учесниците имаме нови афирматори на македонскиот јазик, на македонската литература и култура, но и пријатели на нашата земја и нејзините убавини. Во исто време, искажаниот интерес нѐ потсетува и на обврската што ја имаме да го негуваме македонскиот јазик и постојaно да работиме на неговото зачувување и унапредување… Како наш идентитетски и духовен столб, односно, според Конески, „единствената наша комплетна татковина“, особено сме среќни што сѐ повеќе лингвисти, филолози, писатели и студенти покажуваат интерес за македонскиот јазик – рече Пендаровски.

Тој ја поздрави одлуката на Меѓународниот семинар, во рамките на годинашната Зимска школа наставата за семинаристите од напреднато рамниште во целост да биде посветена на поезијата на Ацо Шопов.

Според него, тоа ќе биде дополнителна мотивација и конкретна можност за ново приопштување на Шопов кон меѓународната читателска публика преку нови препеви и трудови за неговата поезија.

-Без сомнение, богатството на македонскиот јазик најубаво може да се види и преку пишаниот збор и достигнувањата на нашите литературни автори како Шопов, кој преку својот поетски израз отвора нови перспективи за препеви кои, самите по себе, покрај одличното познавање на јазикот на кој се напишани, се одраз на голема посветеност и креативност. Уживањето во раскошот на неговите стихови е најдобриот начин да ја почувстуваме убавината на македонскиот јазик и неговиот огромен потенцијал – рече шефот на државата.

Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски во поздравното обраќање на учесниците на Школата им рече дека се нашите најголеми и најзначајни амбасадори во светот кои го афирмираат македонскиот јазик.

-Учествуваат семинаристи од Кина, Виетнам, САД, Австралија, Полска, Турција, Словенија, Чешка, Унгарија, Грција, Бугарија, Молдавија, Руската Федерација, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Сите со решеност да ги продлабочат своите познавања за македонскиот јазик, литература и култура… Особено нѐ радува што преку ова издание на Зимската школа се потврдува дека веќе станува континуиран интересот за македонистиката од семинаристи од држави од кои претходно повеќе години немаше ученици на школи на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура – рече ректорот на УКИМ.

За Шопов, пак, посочи дека е една од централните личности на македонскиот 20 век, „културен придвижник“ кој ги поставил темелите на мостовите меѓу македонската и поголем број странски култури.

-Ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме, но и да градиме нови – порача Јанкуловски додавајќи дека во тоа особено придонесува Семинарот со неговите заложби за отворање нови лекторати низ светот.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска додаде дека Шопов е еден од културните дејци преку чие дело нѐ препознава светот.

Наставата за семинаристите од напреднато рамниште во целост ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов. Таа очекува дека Зимската школа ќе придонесе за нови исчитувања на неговото творештво на странските универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на Шопов дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.

По поздравните обраќања почна работата на Зимската школа која ќе трае во наредните пет дена, со фонд од по 30 часа за сите групи учесници според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште.

Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се одржа пред две годни и беше во чест на еден век од раѓањето на Блаже Конески.