Десет лица се приведени во денешната координирана полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група, која го извршувала кривичното дело криумчарење мигранти. Тројца членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ Штип, КПУ Идризово и во Унгарија за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“.
Операцијата е изведена од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, Секторите за внатрешни работи Куманово, Скопје, Струмица и Регионалните центри за гранични работи Југ и Исток, под раководство на Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на криминалистичка истрага која се води под псевдонимот „Исар“.
Како што изјави портпаролот во МВР, Тони Ангеловски, криминалистичката истрага над организираната 17-члена група, која е дел од меѓународен канал за криумчарење на мигранти, се спроведувала од јули 2021 година до мај 2023 година. Оваа организирана криминална група врз основа на претходен договор со лица од Србија, Бугарија, Унгарија и РСМ, организирале криумчарење на мигранти од Грција кон Унгарија и од Бугарија кон Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ.
– Оваа меѓународна криминална група, била предводена од М.И., С.М., Ж.К., Д.Д. и С.П., при што најпрво обезбедувале возила од рент-а-кар агенции од Скопје, Куманово и Тетово и Бугарија, а потоа ангажирале лица „возачи“ и „чистачи“ за прифаќање и превезување на мигрантите. Од страна на организаторите, преку лични средби на претходно договорени локации во Србија и Унгарија, како и преку мобилни апликации на лицата „возачи“ и „чистачи“, како и на лица организатори од Србија и Унгарија, им е испраќана точната локација за прифаќање на илегалните мигранти. Од овие локации, мигрантите биле преземани од С.И., М.Д., К.Ж., А.Т., С.С., Ш.Г., Н.М., Н.М. и М.М кои биле ангажирани во улога на „возачи“ и „чистачи“. Истите лица повремено ангажирале и други лица како возачи, за прифаќање на мигрантите – појасни Ангеловски.
Во зависност од бројот на криумчарените мигранти, како и локациите и возилата со кои се преземани и превезувани мигрантите од страна на криминалната група од РСМ преку териториите на Србија, Унгарија и Бугарија, цената на транспорт по лице која ја исплаќале мигрантите се движела од 2000 до 4000 евра.
Во текот на истрагата утврдено е лице – организатор по потекло од Ирак, со германски травел документи, член на меѓународната криминална група на криумчарење на мигранти, кој по претходна комуникација со организаторите од РСМ договарал прифаќање и превезување на илегални мигранти на територијата на Бугарија и Унгарија, за што преку брз трансфер на пари, преку лица посредници од Турција вршел трансфер на пари кон организаторите од РСМ.
Ангеловски појасни дека при реализацијата на оваа криминалистичка истрага биле вклучени соодветен број полициски сили од ОСОСК, ОСПО, ОКТИВ и СВР Скопје – ЕУМНА, при што претреси беа извршени во вкупно 11 објекти, лоцирани на подрачје на Куманово, Кратово и Струмица.
Портпаролот во МВР, Тони Ангеловски информира дека ОСОСК до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 17 лица и тоа против: М.И. (21), Ж.К. (23), М.М. (21), сите од Куманово и Д.Д. (20) и С.Т. (20), двајцата од Кратово за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 1) и „криумчарење на мигранти“ (член 418-б став 4 вв став 2), С.П. (22) од Куманово за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 1) и „криумчарење на мигранти“ (член 418-б), С.М. (26) од Куманово за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 1), С.И. (48) од Скопје за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 2), М.С. (26) од Струмица, М.Д. (31), К.Ж. (20), Н.С. (27), Н.М. (24) сите од Куманово за сторено кривично дело „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 2), А.Т. (21) и С.С. (21) од Кратово за сторени кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 2) и „криумчарење на мигранти“ (член 418-б став 4), Ш.Г. (29) од Скопје за сторени кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 2) и „криумчарење на мигранти“ (член 418-б став 4 вв чл.24) и Н.М. (21) од Штип за сторени кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ (член 418-в став 2) и Криумчарење на мигранти“ (член 418-б).