Фото: МИА

Судскиот совет има механизми да се бори против коруптивните дејствија, доколку ги констатира, но за тоа треба да има докази и факти, вели претседателката на Советот, Весна Дамева, посочувајќи дека тоа мора да им го овозможат граѓаните.

– Странките се тие коишто можат да ни кажат дали одреден судија примал и земал мито, поткуп итн. Тоа досега, барем јас додека сум член на Судскиот совет, не било поткрепено со докази. Најчесто се тие паушални наоди и во случаи кога се паушални, Судскиот совет доставил известување до ЈО за да ги испита и провери таквите наводи – изјави Дамева.

Судскиот совет има донесено одлука за разрешување на судија поради коруптивно дејание, меѓутоа како што посочи Дамева, тоа е од поодамна и нагласи дека во наредниот период ќе преземе поригорозни мерки во насока на расчистувања на таквите дејствија и онаму каде што има законска надлежност ќе постапува, а во останатиот дел ќе ги процесира случаите до надлежните институции.

– Еден од коруптивните дејствија на постапување на судија, според наше мислење, е и кога постапувал во постапки во коишто требал да биде изземен, а не бил изземен и ние во тој дел ако се мисли оној предмет што претходно го кажав за поткуп, тој е еден. Кога судиите не се изземале постојат повеќе постапки, дел се правосилно завршени, дел не се правосилно завршени и не можам да зборувам за тие, меѓутоа верувајте дека се преземаат дејствија, но колку се видливи тоа сепак зависи од начинот на интерпретација – изјави Дамева.

Во наредниот период, посочи таа, резултатите на Судскиот совет ќе бидат повидливи за јавноста, бидејќи транспарентноста ќе биде позголемена.

Судскиот совет, посочи Дамева, нема можност да преиспитува судска оцена и може да ја детектира состојбата со ажурното постапување на судовите.

– Тоа неспорно го прават членовите на Судскиот совет како координатори, односно одговорни за одредени судови, меѓутоа, сепак тоа е долг процес. За да се констатира дали одреден судија постапува ажурно треба одредено време, бидејќи треба најпрво да се констатира состојбата, да се изготви извештај, тој да помине на седница – изјави Дамева, најавувајќи дека некои детектирани состојби ќе бидат изнесени наредниот период.