Судскиот совет на Република Македонија на денешната 540-та седница донесе одлука за склучување договори за спроведување психолошки тестови и тестови на интегритет во постапките за избор на судии и претседатели на судови. Советот усвои и извештај за основаност на барање за повторување постапка, по пресуда на Европскиот суд за човекови права.
Пред усвојувањето на извештајот, членовите на Советот расправаа дали оваа точка од дневниот ред да биде отворена за јавноста или да се разгледува зад затворени врати.
Членот на Советот, Антоанета Димовска, побара расправата да биде јавна, истакнувајќи дека станува збор за значајно прашање, особено имајќи предвид дека одлуката на Европскиот суд за човекови права е јавна.
Сепак, по дискусијата, Советот со осум гласа „за“ одлучи оваа точка да се разгледува без присуство на јавноста. Потоа зад затворени врати беше усвоен извештајот на комисијата.
Во одлуката за тестирањата е предвидено склучување договори со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје (ИСППИ) при УКИМ и со „Виста груп“ ДООЕЛ Скопје, кои ќе бидат задолжени за спроведување на психолошките тестови и тестовите на интегритет. Претседателот на Судскиот совет е овластен да ги потпише договорите.
Членот на Советот, Ивица Николовски, посочи дека постои системски проблем со отсуство на соодветна институција за спроведување на ваквите тестови, и дека тоа е прашање кое подолго време не е решено на законодавно ниво.
Од друга страна, Антоанета Димовска истакна дека, иако нема акредитирана домашна институција, се користат меѓународно признаени тестови, кои се валидни за оваа намена.
На седницата беше разгледано и барање за утврдување одговорност на судија, по што Советот одлучи да ја запре постапката, а беа формирани и комисии за други предмети поврзани со судиска одговорност.
































