Општина Прилеп ќе го субвенционира превозот за жителите на најоддалечените села - Фото: Игор Бансколиев

Општина Прилеп вложува напори за подобрување на квалитетот на животот на жителите

Со последниот попис од 2021 година, близу 6.000 жители живеат во пооддалечените населени места во Општина Прилеп. Од нив, над 1.000 жители се лица што поради возраста и лошата здравствена или материјална положба не се во можност да стигнат до градот поради немањето јавен превоз

Од септември Општина Прилеп ќе субвенционира линиски превоз за најоддалечените села во општината. Програмата за субвенционирање на линискиот превоз ќе опфаќа субвенционирање на 15 литри гориво за поминати 100 км. Програмата опфаќа превоз двапати неделно за превозниците што ќе сообраќаат на линиите до населените места.
– Со ова жителите од населените места, од септември ќе имаат редовна линија што ќе сообраќа од градот кон населеното место и обратно. Целта е да им се олеснат условите за живот на овие жители. Линиите ќе сообраќаат до најоддалечените населени места во општината. Најпрво и најзначајно е да се воспостави линијата Прилеп – Витолиште, каде што жителите плаќаат високи цени за превоз со такси. Потоа ќе следува линија за Чепигово, Подмол, линија до Мажучиште, Радобил… и сите делови од општината ќе бидат опфатени со овој линиски превоз – вели Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Вкупната сума за субвенционирање на линискиот превоз до најоддалечените села во Прилепско би ја чинела локалната самоуправа Прилеп околу 60.000 денари месечно, а ценовникот е од 20 отсто до 30 понизок од цената на такси-превозот што го користат жителите од овие населени места за дојдат во Прилеп.

– Жителите од неколку населени места имаат суштинска потреба да дојдат во градот бидејќи немаат амбуланти, аптеки, колонијални продавници, а минатата година им беше прекинат и ПТТ-сообраќајот. За сѐ мора да дојдат во градот, за лекарски прегледи, за обнова на лични документи, за плаќање сметки, за купување намирници и слично, а за тоа плаќаат такси-превоз, бидејќи во 2019 беше укинат јавниот превоз до овие населени места. Со оваа одлука на Советот на Општина Прилеп, локалната самоуправа ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на животот на жителите од населените места и ќе им го олесни пристапот до градот. Грижата за подобри услови за сите наши сограѓани останува наш приоритет – вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Инаку, со последниот попис од 2021 година, близу 6.000 жители живеат во пооддалечените населени места во Општина Прилеп. Од нив, над 1.000 жители се лица што поради возраста и лошата здравствена или материјална положба не се во можност да стигнат до градот поради немањето јавен превоз. Ка.М.