Фото: Маја Јаневска-Илиева

Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО и иако нема директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, сепак има причини за загриженост за состојбите поради зголемување на тензиите, изјави денеска во Скопје генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбер по средбата со лидерите на членките на Пактот од регионот.

– Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани – истакна Столтенберг по средбата на која присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.

Според Столтенберг, во НАТО постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западниот Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на Алијансата во регионот.

– НАТО е присутен во овој регион со години. Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1.000 дополнителни војници и со потешко вооружување. Секогаш сме претпазливи, од блиску ја набљудуваме состојбата и секогаш ќе го направиме она што е потребно за да се заштитат и одбранат сите сојузници – рече Столтенберг.

Тој истакна дека за НАТО се важни и начините на соработка со партнерите од регионот и да се стабилизира соседството на Алијансата.

– Кога нашите соседи се постабилни, ние сме посигурни. Затоа ми е важно да седнам со сите лидери од овој регион и да ги споделам нашите проценки, бидејќи така ќе можеме подобро да сфатиме како да напредуваме – истакна Столтенберг, додавајќи дека НАТО има заедничка историја со Западниот Балкан, но и обврска да помогне во обезбедувањето на неговиот мир и просперитет.

Столтенберг нагласи дека се обраќа до сите во регионот со порака дека е важно е да се изберат дијалогот и дипломатијата пред конфликтот и војната, нагласувајќи оти дијалогот меѓу Белград и Приштина е суштински за нивниот мир и просперитет, при што последните предлози за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население ги оцени како чекор напред.

– Време е да се надминат регионалните конфликти, што траат предолго – порача Столтенберг.

Во тој контекст тој потенцира дека Македонија е валиден сојузник на НАТО која дава важен придонес кон заедничката безбедност, но исто така е пример за успешни мултиетнички односи и општество во кое луѓе од различни етнички групи живеат заедно и ја градат земјата во мирољубива коегзистенција.

Првиот човек на Алијансата додаде дека на средбата станало збор и за руската агресија врз Украина, при што упати апел до двете страни за прекин на конфликтот, поздравувајќи го придонесот на сојузниците од НАТО на тој план, особено во услови на тешка ситуација на бојното поле.

Столтенберг најави тесна соработка во иднина, како и при подготовките за следниот Самит на НАТО во Вашингтон идната година, на кој, како што нагласи, Алијансата ќе продолжи да работи на изградба на заедничката иднина и зајакнување на својата безбедност против геостратешката конкуренција и на поддршката на Украина.