Фото: МИА

СОНК очекува да ги добие денешните заклучоци на Владата а во врска со генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средни училишта. Советот на СОНК во текот на утрешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, објави на својот фејбук-профил претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Владата денеска на седница ги задолжила министерствата за образование и наука, зa труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 отсто. Од Владата го повикуваат Самостојниот синдикат за образование, наука и култура да го прифати ова покачување и, како што посочуваат, во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.

Владата: Го повикуваме СОНК да го прифати покачувањето на платите од 10 отсто

За ова прашање Владата денеска расправала во рамки на 40-та седница при што ја разгледала и усвоила Информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените, согласно одлуката на СОНК.