Фото: Пиксабеј / Илустрација
Владата денеска на седница ги задолжила министерствата за образование и наука, зa  труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 отсто. Од Владата го повикуваат Самостојниот синдикат за образование, наука и култура да го прифати ова покачување и, како што посочуваат, во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.
За ова прашање Владата денеска расправала во рамки на 40-та седница при што ја разгледала и усвоила Информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените, согласно одлуката на СОНК.
– Владата формираше работна група во која се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор – информира владината прес-служба.

Владата воедно ги задолжила Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк.

– Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк. Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достават информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата – се истакнува во соопштението.

Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.

Претходно денеска, претседателот на СОНК Јаким Неделков потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но, немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.

– За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи – рече Неделков за МИА.

Штрајкот на вработените во образованието и во детските градинки почна на 11 април.