Екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ изминативе денови ги санираат, односно ги исправуваат оштетените и ги заменуваат со нови отстранетите сообраќајни знаци на улиците и булеварите во централното градско подрачје.
– Секојдневната контрола и обиколка се дел од тековните активности на дежурните екипи што ги одржуваат сообраќајната сигнализација и опрема на градските улици – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека деновиве со ноќно обележување е обновена хоризонталната сигнализација на булеварот Гоце Делчев и на улиците Лазар Личеновски, Даме Груев, Димитрие Чуповски и Самоилова, како и на други сообраќајници во општината Центар.
– Екипите продолжуваат и во наредниот период со ноќно обележување на хоризонталната сигнализација по утврдената динамика од Град Скопје, како и со контрола и санација на сообраќајните знаци на сите места каде што има потреба за интервенции – потенцираат оттаму.