Почна реконструкцијата на улицата Славка Динкова во Драчево. Градежните активности ќе опфатат изведба на атмосферска канализација и целосна реконструкција на коловозот и на тротоарите, во должина од околу еден километар. Покрај ова, ќе бидат поставени и бетонски столбови со штедливи лед-светилки.
По три децении, почнува реконструкција на улицата Славка Динкова, а се решава и деценискиот проблем на граѓаните што гравитираат тука на овој потег, а тоа е проблемот со атмосферска канализација. Следува целосна реконструкција со атмосферска канализација на овој потег, во должина од 1.175 метри, каде што по барање на граѓаните и во заштита на нивниот интерес, но и затоа што сметаме дека ова е една од главните делници, која заслужува да биде реконструирана, пристапивме кон тоа да направиме еден проект со кој годинава ќе го решиме проблемот со кој тие се соочуваат веќе триесет години. Она што сакам да го потенцирам е дека за оваа улица се издвоени средства од нешто над 34 милиони денари, со што, со електронската аукција, е постигната заштеда за Град Скопје и за граѓаните од 32 проценти, односно нешто над 16 милиони денари – изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Изминатиот период, како што истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, Општина Кисела Вода реализира реконструкција на повеќе од 15 улици во Драчево, а во периодот што следува ќе завршат реконструкциите на повеќе улици во Пинтија, дел со асфалт, а дел со павер-елементи.