Мировен марш на средношколци под мотото „Помислете на нас, за промена“ се одржа денеска во Скопје.

Маршот почна со собир пред Собранието и продолжи со мирно движење низ центарот на градот, до Владата. Учествуваа средношколци од повеќе средни училишта во Скопје, дополнително поддржани од нивни професори и родители. На маршот доминираше белата боја – бојата на мирот, а учесниците носеа транспаренти со мировни пораки.

Иницијативата за овој мировен марш произлезе од средношколци, во рамките на проект за свесноста и делувањето во граѓанскиот сервис. Идејата доби поддршка и од членови на Сојузот на средношколска младина. Основната цел на маршот беше подигување на свесноста на младите луѓе за тоа дека е потребно токму тие, младите, да бидат активни учесници во својата земја и светот, и гласно да ги изразат своите ставови и мислења против сите војни во целиот свет. Нивната единствена желба е да им се овозможи своите потенцијали и креативна моќ да ги реализираат во мир. Целта на младите е оваа порака да стигне што пошироко, и конечно политичарите да помислат на нив и нивната иднина.

На маршот беше одржан и пригоден говор, на кој покрај основната порака, беше гордо спомената и Мајка Тереза, добитничка на Нобеловата награда за мир, која во една пригода рекла: „Ако немаме мир, тоа е затоа што сме заборавиле дека припаѓаме едни на други”. Поради таа припадност кон сите други народи во светот, на крајот на маршот, проследено со песната на Џон Ленон „Give Peace a Chance“, симболично во воздухот беа пуштени бели балони за сите седум континенти и сите земји – членки на Обединетите нации, информираа организаторите на маршот.