Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пролетното разубавување на градот почна порано, како последица на убавото време. Низ целиот град се засадува зеленило, почнувајќи од цветни насади до дрвореди од костени. Токму тоа е битката што градот му ја објавува на загадувањето на воздухот, како еден од најгорливите проблеми на метрополата. Како една од мерките за справување со загадувањето, најавена е и изградба на зелен мегапарк, кој ќе биде првиот од петте предвидени во Скопје

УБАВОТО ВРЕМЕ И ПОВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ КАКО ПОТТИК ЗА СКОПЈАНИ КОН СКОПЈЕ

Зеленилото како и во секој главен и голем град така и во Скопје е еден од главните адути за прочистување на загадениот воздух. Колку повеќе дрвја, толку поголемо прочистување на воздухот, со што директно се влијае на здравјето на жителите на градот. Загадениот воздух е еден од приоритетите на градските власти, па фокусот е во неговото намалување со преземање низа мерки, меѓу кои се и засадување дрвја и уредување нови парковски површини и цветни насади.

КОЛКУ ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНИЛО, ТОЛКУ ПОДОБРО

Во 2022 година градските власти најавија оформување нови зелени површини во Скопје, на кои се засадуваат дрвја и садници од различен вид. Покрај новите и постојните зелени површини, планирано е да се постават дополнителни садници и во постојното средишно и странично зеленило по должината на булеварите и на магистралните улици.
Како што најавија оттаму, предвидено е да се набават и дрворедни садници, зимзелени садници со покривки, како и декоративни садници и грмушести растенија.
– Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ неодамна засадија нови квалитетни садници на булеварите Илинден и 8 Септември. Нови дрвореди составени од квалитетни зимзелени и листопадни дрвја ќе ги раззеленат двата булевара. Град Скопје периодов е силно фокусиран на подобрување на заштитата на животната средина. Садењето на дрвјата е дел од реализацијата на концептот „Зелен и чист град“ за уредување нови паркови, подигнување нови зелени површини, сезонски акции за садење нови квалитетни садници и подигнување нови дрвореди во Скопје – информираа градските власти.
Зелени површини никнаа и на многу локации што беа зафрлени и претворени во депонии. Отпадоците од овие локации беа исчистени и се изградија паркови за рекреација на скопјани.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, исто така најави дека првиот зелен мег парк ќе се гради во општината Ѓорче Петров.
Мегапаркот ќе се протега на просторот каде што постоеше долгогодишна дива депонија, која во изминатиот период е целосно расчистена, во соработка со Општина Ѓорче Петров.
– Почнуваме со проекти како што е мегапаркот во Ѓорче Петров, со кој ќе се зголеми зеленилото во градот Скопје. Тој е на потег каде што постоеше огромна дива депонија, од над десет илјади квадратни метри, која што беше истакнувана како проблем на жителите од градот долги години. Заедно, во соработка со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, успеавме да ја исчистиме, а сега сме во процес на тој потег да има еден навистина прекрасен голем парк, со дополнителни содржини, нешто по урнекот сега што го гледаме во градскиот парк. Тоа место ќе биде центарот на движење со содржини за релаксација на граѓаните од тој дел на градот – истакна Арсовска.
Освен овој, во Скопје ќе има уште четири вакви паркови што ќе придонесат за значително зголемување на градското зеленило, а скопјани ќе добијат нови зелени површини за релаксација.

ЕСТЕТСКИ ЗАФАТИ ЗА ДОТЕРУВАЊЕ НА ГРАДОТ

Убавото време и пролетните температури ги активираа вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, па, така, изминатиот период тие беа забележани насекаде низ градот како ги обновуваат цветните насади.
Како што информираат оттаму, времето придонело за интензивна подготовка за пролетното разубавување на градот.
– Изминатиов период работевме на реконструкција на средната лента на булеварот 12. Македонска бригада, на површина од 2.761 квадратен метар. Проектот се реализира во неколку етапи, и тоа: пополнување на жардиниерата со висококвалитетна почва, рамнење на почвата, поставување нов систем за полевање (капка по капка), како и формирање тревник. Во средишното зеленило, распространето во жардиниери по должината на булеварот, е засеано
тревно семе, а предвидено е и уредување со соодветна вегетација – информираа од претпријатието.
Оттаму потенцираа дека деновиве се расчистувале, се копале, плевеле и рамнеле цветните леи низ јавното зеленило за од наредната недела да започнат со садење пролетен расад од видот темјанушка.
– На 16. Македонска бригада во општината Гази Баба е започната реализација на хортикултурно уредување на паркот „Скулптура“, со вкупна површина од 4.200 квадратни метри. Ќе направиме интервенција на целата вегетација, земјени работи, износ на шут, обнова на почва, поставување систем за полевање, со што ќе се овозможи континуирано одржување на зеленилото. Новопредвиденото зеленило го сочинуваат зимзелени и листопадни садници, грмушки и перени што функционално и естетски најмногу одговараат на просторот и кои се приспособени на нашите климатски услови. Реализацијата опфаќа неколку етапи, кои последователно се поврзани, и тоа: пополнување на површината со висококвалитетна почва, рамнење на почвата, изведба на систем за полевање капка по капка, поставување хидранти и прскалки, пoдготовка на почвата за садење, формирање тревник и садење вегетација – информираа од „Паркови и зеленило“.
Оттаму нагласија дека на булеварот Србија работат на хортикултурно уредување на јавна површина со нови листопадни и зимзелени садници, како и украсни грмушки, додека, пак, на булеварот Партизански одреди во страничните жардиниери се засадени липи. На Рузвелтова се засадени костени и јасен.
Оттаму најавија дека од наредната недела ќе работат на уредување на зеленилото на улицата Бутелска.