Во разговор со повеќе политичко-безбедносни аналитичари, но и со економски експерти, беше отворен уште еден аспект на бугарските опструкции кон Македонија. Имено, бугарскиот претседател Радев „преку подла политика, со еден удар постигнува двоен ефект – ги одвраќа инвеститорите од земјава и економски ја слабее, слабата економија води кон зачестени политички турбуленции, што, пак, води сѐ подлабоко во спиралата на дестабилизација на земјата“…

Уште една скриена агенда во сѐ почестите состаноци на бугарскиот совет за безбедност

Актуелните случувања во Украина и тензичното ѕвечкање со оружјето предизвикаа масовно повлекување на инвеститорите од оваа земја, што директно се одразува како врз нејзината економија, така и врз можноста таа да напредува и на секој друг план, што на подолг рок може да доведе и до внатрешна дестабилизација на земјата.
Едно слично сценарио ѝ подготвува бугарскиот претседател Румен Радев на Македонија, кој откако не успеа пред странските партнери рационално да ги објасни причините за неколкуте бугарски вета, примени една поинаква доктрина, во која проблемот со Македонија го претстави како безбедносно прашање. За таа цел тој веќе во неколку наврати го свика тамошниот совет за безбедност на кој се расправаше токму за земјава, без оглед што и на добар дел бугарски политичари не им беше јасно како Македонија може да претставува безбедносна закана за нивната земја.
Истиот наратив Радев го користеше и на средбите со неговиот француски колега Емануел Макрон, но и со другите европски политичари, ставајќи јасно до знаење дека ако не се реши спорот со Македонија, тој ќе стане безбедносен проблем што може да го дестабилизира регионот.

Ако малку подобро се анализираат потезите на Радев, ќе се забележи дека не станува збор само за вообичаена реторика и барање оправдување за блокадите на македонските евроинтеграции, туку се работи за добро осмислена стратегија за одвраќање на инвеститорите од земјава, со постојаното повторување дека таа е безбедносен проблем, а ниту еден инвеститор не сака да ги вложи своите пари во ризични подрачја.
На тој начин Радев преку една подла политика, со еден удар постига двоен ефект – ги одвраќа инвеститорите од земјава и економски ја слабее, слабата економија води кон зачестени политички турбуленции, што подоцна може да доведе до внатрешна дестабилизација и отворена можност Бугарија да се понуди како „спасител“ на кој ќе му биде многу лесно конечно да ги оствари вековните аспирации.
Поранешниот гувернер на НБРМ и политичар Петар Гошев смета дека е исклучително важно каква перцепција добиваат инвеститорите за одредена земја кога планираат да ги вложат парите, така што не исклучува можност изјавите на Радев да одвратат дел од нив, особено оние што не се добро информирани.
– Се надевам дека вакви идиотски блефови за солидно информирани инвеститори не би влијаеле, иако не може да се исклучи некаква штета. За инвеститорите апсолутно е важно прашањето за перцепцијата во каква средина би инвестирале од аспект на долгорочноста и стабилноста на условите за водење економија и бизнис. Сметам дека заднината на ова што сега го прави Радев, издигнувајќи го спорот со Македонија на ниво на безбедносно прашање, е повеќе заради обезбедување поддршка да не се поместат од нивната позиција, истовремено да го намалат притисокот од европските партнери и САД и да не бидат принудени тие да прават некаква отстапка кон Македонија – вели Гошев.
Според него, хушкањето на Радев за некаква безбедносна закана може да доведе до тоа целата работа да излезе од контрола.

– Радев, кој е класична сталинистичка и живковистичка школа, не води сметка дека такви работи може да доведат и до она што не сакаат да го направат, целата работа да излезе од контрола. Тоа е како остварувањето на пророштвото, постојано зборуваш негативно, иако не е таква состојбата, и на крајот успеваш да произведеш поведение на луѓето за да се оствари тоа негативно сценарио. Сепак, Европа не е наивна, ја разбира бугарската игра, но проблемот е што и покрај тоа што тие не го одобруваат нивното однесување, знаат дека е тоа само реторика и ставови што немаат ништо заедничко со европските вредности, ги притискаат до одреден степен и не одат понатаму, за на крајот повторно да нè повикаат да се договориме – појаснува Гошев.
Тој уште додава дека македонските власти треба да покажат цврстина за да не бидат бесконечно уценувани, но уште повеќе треба да почне да се работи и дома за да нема никој аргументи да кажува дека не сме ги сработиле домашните задачи.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека кампањата на Радев околу безбедносните ризици во однос на Македонија секако ќе влијае врз одвраќањето на инвеститорите.

– Постојаното повторување дека нерешавањето на македонско-бугарскиот спор води кон создавање безбедносни ризици, секако ќе влијае врз одлуката на инвеститорите дали да инвестираат во земјава. Радев има поголема гласност кај меѓународниот фактор, државата на која е тој претседател има поголем потенцијал, тој го користи тоа и со елементи на злоупотреба ѝ наштетува на Македонија преку едно скриено уценување. Не само со старите уценувачки барања, сега сака да покаже дека ние сме безбедносно неспособни и тоа ќе влијае врз нашата економска ситуација. Несомнено, Радев отвори голем фронт – смета Андревски.
Тој во однесувањето на бугарскиот претседател препознава наследство од старата живковистичка школа, која преку економски притисок сака да ги оствари преостанатите поставени цели.
– Бугарија ја третира Македонија како противник што треба да биде послаб. Тоа сликовито објаснето би било како на противнички фудбалски клуб да му го затруеш клучниот фудбалер во пресрет на дерби-натпреварот. Радев сега го прави тоа. Сака да добие слаб партнер од спротивната страна за да може да продолжи да уценува – заклучува Андревски.