Проф. д-р Никола Крстаноски/Фото: Принтскрин

Скопјани денеска останаа без јавен превоз што значително го отежнува извршувањето на нивните секојдневни обрски и создава незадоволство, судејќи според реакциите на социјалните мрежи. Синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) најавија дека автобусите нема да возат поради проблемот со неисплатените плати, што беше тема и на вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Ваквата ситуација ќе остави последици по жителите на главниот град според универзитетскиот професор и експерт за сообраќај Никола Крстаноски.

– Секако дека ќе има последици од отсуството на јавен превоз. Граѓаните ќе треба да бараат алтернативи. Дел од нив што живеат во приградските населби се отсечени од градот. Ќе се зголеми бројот на автомобили на улиците што создава и опасност од сообраќајни несреќи, а ќе се зголеми и загадувањето на воздухот, особено во зимските месеци доколку продолжи ваквата состојба. Позади ситуацијава има подолга историја. Тешко на луѓето што работат во ЈСП, но не се тие криви – објаснува проф. д-р Крстаноски.

Експертот и претходно се осврна на проблемите со градскиот превоз. Тој за списанието на Комората на овластени архитекти и инженери уште во мај истакна дека јавниот превоз не ги задоволува потребите на скопјани, бидејќи главниот град со својата структура и големина одамна го надраснал капацитетот на автобускиот систем на превоз.

Раководството на ЈСП вчера ја блокираше и улицата пред Владата поради неисплата на долг од два милиони евра, а вработените протестираа во кругот на претпријатието поради неисплатата на заостаната плата. Претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП, Африм Муча, е дециден дека нема да има превоз се додека не им се исплати септемвриската плата. Претпријатието пак, денеска преку соопштение до јавноста ги обвини луѓето од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП дека ги спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи.

Советниците во Град Скопје на вчерашната вонредна седница на градскиот совет меѓусебно се обвинуваа кој е виновен за состојбата во која е доведено ЈСП. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од градоначалничката Данела Арсовска, а од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.

Вчера беше изгласана иницијатива со која се бара од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, до утре до 12 часот, да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите во ЈСП. За денеска во 13 часот повторно е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје. М.Ж.