Екипи на скопската Зоолошка градина (ЗОО) заедно со директорот Кристијан Стаменов, полиција и инспектор на АХВ спасија коњ, кој бил врзан и оставен без храна и вода во руиниран објект во скопско Дебар Маало.
Како што соопштија денеска од МВР, коњот е пренесен и згрижен во Зоолошката во Скопје каде веднаш му е обезбедена ветеринарна грижа и соодветна нега.
– По пријава на граѓани вчеравечер до МВР дека во Дебар Маало има коњ на тераса од стан во напуштен објект, екипи на ЗОО Скопје заедно со директорот Кристијан Стаменов, полиција и инспектор на АХВ излегоа на терен и го спасија коњчето, кое за жал било врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода – се наведува во соопштението од МВР.
Од ЗОО Скопје објавија дека ова е приказна со среќен крај.
-Вчера на неколку портали беше објавено дека во Дебар Маало има коњ на тераса од стан во напуштена зграда, а полицијата добила и неколку пријави од граѓани. Колегите, заедно со директорот Кристијан Стаменов, МВР и инспектор на АХВ излегоа на терен и ја започнаа спасувачката мисија на коњчето кое за жал било врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода. Доцна вечерта коњот беше пренесен во Скопје ЗОО каде што ќе му обезбедиме ветеринарна грижа и најдобра нега. Апелираме да не се измачуваат овие најпрекрасни животни и што поскоро да се направи план на централно ниво за што поголема благосостојба на коњите – објавија од Зоолошка на социјаните мрежи.