Од Општина Центар информираат дека и годинава продолжуваат со активностите за финансиска поддршка на невработени лица како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби од општинските основни училишта. Со проектот „Образование за сите“, кој е опфатен со Програмата за образование за 2022-ра година, се предвидува ангажирање на невработени лица како лични асистенти на ученици со попреченост од осумте основни училишта во општината.

– Оваа година, со проектот се опфатени вкупно 14 ученици, за кои согласно проценките на стручните служби, како и наодот и мислењата кои ги поседуваат, се сметаат за приоритетни во потребата од придружба при следење на наставата и совладување на наставниот материјал. Започнувајќи од март, предвидено е вклучување на дополнителни тројца лични асистенти, за кои дополнително се појави потреба по барање на родителите и стручните служби од училиштата – вели во пишана изјава градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, а пренесе МИА.

Основната идеја на проектот „Образование за сите“ е со употреба на различни модули да им даде поддршка на сите деца во оваа целна група во повеќе насоки: инклузија на децата со попречености во образовниот систем; подобрување на нивната социјална интеграција; поддршка при совладувањето на образовните содржини и олеснување на движењето и пристапот низ училишните простории.

Како што информираат од општината, проектот започна со целосна финансиска поддршка на УНДП и Министерството за образование, а веќе втора година по ред се реализира со комплетно финансирање.