Кадар од рекламата во која се појавува Мет Дејмон/Фото: Принт-скрин

Историјата е исполнета со зборовите „за малку“, вели славниот американски актер Мет Дејмон додека се наоѓа во галериски простор, зборувајќи и други фрази кои навидум имаат смисла, пишува „Њујорк тајмс“ во текстот насловен „Зошто Мет Дејмон навлекува на криптовалутите?“. Од една страна, тој вели дека историјата е исполнета со оние кои за малку не тргнале во авантура, кои речиси постигнале нешто, но на крајот нивните цели се покажале како преголеми за нив. А сепак, тука се и оние, како што вели, „кои го прифатиле моментот и биле решителни“.

Ваквиот говор потсетува на нараторите од документарците на „Хистори ченл“, но всушност станува збор за рекламна порака. Додека Дејмон зборува, го следи камера низ т.н. Музеј на храброста. Притоа се користат врвни специјални ефекти, а ангажманот на некој како Дејмон не е евтин.

Но што рекламира актерот? Дали станува збор за нов автомобил или филм? Во текот на 60-те секунди колку што трае рекламата можат да се јават разни прашања, се до последниот кадар кога Дејмон погледнува кон прозорецот низ кој се гледа нешто налик на планетата Марс, по што се појавува лого со натписот „Крипто.ком“.

Навикнати сме на секакви пораки од рекламите, но малкумина се смели како оваа, која сугерира дека чинот на кликање на „Крипто“ – апликацијата која може да се користи за тргување со криптовалути, е подвиг еднаков на историско постигнување. Рекламата која почна да се емитува во октомври стана вирална, поради нејзината нетактичност.

Медиумите и социјалните мрежи му се потсмеваа на Дејмон, карактеризирајќи ја рекламата како бесрамна, бидејќи тврди дека слава ги очекува оние што се доволно храбри да ја „стават на коцка“ заштедата, вложувајќи ја на турбулентен и нерегулиран пазар.

Дејмон е последната славна личност која наведува на криптовалутите преку рекламни кампањи или личен активизам, со што на листата се штотуку пензионираната НФЛ-ѕвезда Том Брејди и неговата сопруга Жизел Бундшен, американската актерка Риз Витерспун, раперот Снуп Дог, боксерот Флојд Мејведер, ријалити-ѕвездата Ким Кардашијан, поранешниот НБА-кошаркар Пол Пирс… А има нешто несоодветно кога исклучително богатите им наметнуваат криптовалути на нивните обожаватели, заклучува „Њујорк тајмс“.