Градоначалничката Данела Арсовска ги нарече инфлуенсери своите колеги од скопските општини, кои вчера се фотографираа со општинските служби како чистат ѓубре. Им посочи дека првин направиле неред, па играле политички игри. Додаде дека нивна работа е првин да си ги исчистат населбите.
– Коалицијата ДПМНЕ – СДСМ, наместо како инфлуенсери да се фотографираат на градските улици со нередот што го прават и политичките игри што ги играат, да се зафатат со работа и да престанат да си играат со нервите на скопјани. Сите тие се власт во градот Скопје и државата и треба да си постапуваат, а не да изигруваат инфлуенсери. И првин нека си ги исчистат своите населби, па после нека кажуваат- рече Арсовска.
Им порача дека со нив мора да се расчисти.
– Мора да се расчисти со овие работи. Мора да се расчисти со политикантите, со партиите што си играат инфлуенсери надвор во градот, кои знаат што се случувало бидејќи тие раководеле со овие претпријатија. Тие имаат намера да угнетат сè што не размислува како нив и се обидуваат тие луѓе да ги заплашуваат. Ниту јас ниту директорката не е уплашена од нивните реакции- додаде Арсовска.
Советот на Скопскиот Плански Регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комуналната хигиена. Градоначалниците апелираат Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во решавање на проблемот, како и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.