Фото: Хуманитарната организација „Свети Спас”

Почетоците на приказната се одвиваат во објектот на црквата „Свети Спас“. Малата просторија од 12 квадрати им дава надеж на повеќе семејства и поединци што тука добиваат хуманитарни пакети. Бројот на лицата што бараат помош расте, а со тоа расте и потребата за поголем простор за организацијата. Се зема под наем магацин, кој е неопходен за да обезбеди простор. Растежот значи и подготвеност на повеќе компании да помогнат, но секако и сѐ поголем број на семејства што тропаат на портата на хуманитарната организација „Свети Спас“ во надеж за помош

Приказна за бескрајна љубов, сочувствителност, милосрдие и силна волја да се помогне

Сторијата за хуманитарната организација „Свети Спас“ започнува пред осум години, на 13.12.2015 година. До отец Оливер се обраќа семејство од селото Драчево на кое му е потребна помош. Заедно со другите свештеници од црквата „Свети Спас“ во Драчево, наоѓаат начин да му помогнат. Потоа се појавува и второ семејство со такви барања, па трето…
Со благослов од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, отец Оливер ја продолжува оваа значајна мисија со многу мали финансиски средства, но со многу љубов и милосрдие од оние што му ја подале раката делејќи заедничка хумана цел.

СЕ ДАВА ПОМОШ, НО И СЕ НАОЃА РАБОТА

На почетокот од 2016 година отецот пушта барање до повеќе компании за поддршка со прехранбени продукти. За среќа, голем број од нив дава позитивен одговор. Веќе во март 2016 година се обезбедува помош за 40 социјално загрозени семејства. Но уште од самиот почеток правилата се јасни. Лицата мора да достават соодветна документација за сопствената финансиска состојба и доколку им се понуди работно место, треба да го прифатат. Ако двапати ја одбијат работната понуда, повеќе не им следува помош.
Почетоците се одвиваат во објектот на црквата „Свети Спас“. Малата просторија од 12 квадрати им дава надеж на повеќе семејства и поединци што тука добиваат хуманитарни пакети. Бројот на лицата што бараат помош расте, а со тоа расте и потребата за поголем простор за организацијата. Се зема под наем магацин, кој е неопходен за да обезбеди простор. Растежот значи и подготвеност на повеќе компании да помогнат, но секако и сѐ поголем број семејства што тропаат на портата на хуманитарната организација „Свети Спас“ во надеж за помош.
Со божја промисла, хуманитарната организација „Свети Спас“ отвора и народна кујна, во која започнува приготвување оброци за лицата што се дел од веќе големата листа опфатена со програмата за помош. Станува збор за луѓе со ниски примања, неработоспособни, лица што имаат тешкотии со сопствени сили да заработат за парче леб. Во народната кујна лоцирана во Горно Лисиче се работи секојдневно со голема динамика.
Готвачот Благојче најчесто доаѓа во три часот наутро за да приготви оброци за лицата што чекаат. Се работи за 270 приготвени оброци, кои ги пакуваат волонтери, а до пунктовите ги носи возачот Аце. И тој е дел од хуманитарниот тим. Четирите пункта пред неколку месеци беа дополнети со уште две нови локации, со цел на социјално загрозените да им се обезбеди храната да ја подигнуваат што поблиску до местата на живеење. Освен во храмовите „Свети Спас“ во Драчево, „Свети Николај“ во Аеродром и „Свети Апостоли Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, сега има пунктови во храмот „Свети Архангел Михаил“ во Автокоманда и во храмот „Свети Јован Крстител“ во Бутел. Од моментот на нивното отворање, веднаш се пријавија 30 нови лица за помош.

Фото: Хуманитарната организација „Свети Спас”

СÈ ПОГОЛЕМ Е БРОЈОТ НА ЛУЃЕ ШТО БАРААТ ПОМОШ

Впрочем, како што се влошува економската ситуација во земјава, сѐ поголем е бројот на луѓе, без разлика на верата и националноста, кои контактираат со хуманитарната организација. Се бараат храна и хигиенски продукти, се бара парична помош, обнова на куќи, собирање средства за оперативни зафати, за лекување… Но паралелно, добриот глас за чесната и посветена работа се шири и до многуте добри и хумани луѓе што обезбедуваат донации, знаејќи дека тие ќе завршат во вистинските раце.
Како што кажува отец Оливер, се случувало и семејства на кои пред години им било помагано, сега сами да помагаат. Но се случува и одредени лица да бидат избришани од програмата за помош бидејќи континуирано одбивале работа, а барале да им се помага.
Во моментот со програмата за помош се опфатени 550 семејства. Хуманитарната организација „Свети Спас“ има постојана соработка со повеќе компании, кои го овозможуваат нејзиното функционирање. Голем е бројот и на поединци што често донираат знаејќи дека нивото малку, за некого може да значи многу. Во моментот апелите за донации се насочени кон обезбедување храна, бидејќи хуманитарната организација „Свети Спас“ нема просторна можност да складира мебел или друг тип донации.

АНОНИМНА ДОНАЦИЈА НА ПАРЦЕЛА НА КОЈА МОЖЕ ДА СЕ ИЗГРАДИ ОБЈЕКТ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

Сепак, голема надеж влева донираниот имот што анонимно лице ѝ го донираше на организацијата. Станува збор за простор во Долно Лисиче, парцела од 612 квадратни метри што дава можност да се изгради сопствен дом на хуманитарната организација „Свети Спас“. Отец Оливер силно верува дека таму, со божја помош, наскоро ќе се изгради објект во кој ќе бидат сместени сите потребни простории за нејзино функционирање – кујната, канцелариите и магацинот, а средствата што ќе се заштедат од наемнината што сега се плаќа, ќе завршат кај социјално загрозените лица.
Интересен момент е тоа што периодов, во пресрет на една од редовните акции насловена „Подари пакетче, подари љубов“, повеќе хумани луѓе, меѓу кои и дечиња, започнаа да донираат пакетчиња и пред да се објават локациите на кои ќе се одвива акцијата. Во моментот таа е во тек и, како што истакнува отец Оливер, вклучени се голем број волонтери што ќе ги соберат пакетчињата, а потоа за Божиќ ќе им бидат поделени на дечињата од социјално загрозените семејства, на дечињата без родителска грижа, на дечињата со посебни потреби, прифатниот центар во Визбегово…

ГОЛЕМ БРОЈ НАГРАДИ ЗА ХУМАНИТАРНАТА РАБОТА

Транспарентното и чесно работење, многуте нахранети усти, на оваа организација ѝ донесоа многу награди, меѓу кои и наградата „13 Ноември“, но сепак најголема награда е среќата што се чита од лицата на оние што добиле храна, добиле работно место или друга помош во моментите кога им се чинело дека повеќе нема излез.
Во неодамна одбележаните осум години постоење е запишано дека хуманитарната организација „Свети Спас“ беше во првата линија при поплавите во Стајковци (2016) и во Кичево (2017), пожарите во Порече (2018) и во Берово (2021), земјотресите во Албанија (2019) и во Турција (2023), на првата линија и за време на ковидот, со постојани донации на клиниките во заштитни маски, чаршафи, вода, овошје…
Заедно со многубројните хумани лица и компании, изградија три дома и реновираа дваесет и шест дома на социјално загрозени семејства низ Македонија. На многумина им помогнаа со вработување, со цел да застанат на свои нозе, поделија десетици илјади пакети храна и санитарни продукти.
-Мисијата на хуманитарната организација „Свети Спас“ ни оддалеку не е завршена. Борбата против гладот и сиромаштијата, кои за жал се сѐ почести во нашата држава, допрва ќе се води. Продолжуваме со хуманитарни акции, продолжуваме со помагање на оние на кои им е потребна нашата помош. Секој од нас размислува како да им помогнеме на повеќе наши браќа и сестри на кои им е потребна нашата помош. Им благодариме на сите што учествуваат и преку својот ангажман се дел од нашата хумана мисија. Се надевам дека во годината што е пред нас ќе има уште повеќе добри и хумани луѓе, голем број општествено одговорни компании што ќе продолжат да помагаат и со тоа да ја овозможат нашата понатамошна работа. Продолжуваме со нашата борба против гладот во Македонија! Бог да ве благослови и награди за вашето човекољубие со здравје, радост и успех!!! Имајте среќна и исполнета Нова година – истакна отец Оливер од хуманитарната организација „Свети Спас“.

Фото: Хуманитарната организација „Свети Спас”

КАКО СЕ ВКЛУЧИЈА ВОЛОНТЕРИТЕ

Возачот и волонтер во хуманитарната организација „Свети Спас“, Александар Димитровски, помага повеќе од осум години. Поактивно, од пред почетокот на коронавирусот и полицискиот час, кога отец Оливер започна со делење топол чај и кафе по пунктовите каде што беше поставена полицијата низ цело Скопје.
– Тогаш и активно започна мојата волонтерска помош во хуманитарната организација. Секојдневно имаше работа и беа потребни волонтери за делење помош во магацинот, за земање покуќнина од донатори и носење на места каде што беше најпотребна. Продолжив во хуманитарната организација и до ден-денес помагам колку што можам.
Откога се отвори народната кујна на хуманитарната организација „Свети Спас“, започнав со работа како возач, како и со делење на храната на нашите сега веќе шест пункта. Секојдневно, од понеделник до сабота, делиме по речиси 300 оброци, поминувајќи по околу 70 км. Драчево, Аеродром, Автокоманда, Бутел, Ѓорче Петров, Горно Лисиче – тоа е мојата секојдневна маршрута – вели Димитровски.
Тој наоѓа време за хуманитарната работа и покрај тоа што работи како обезбедување и во ноќни смени.

Фото: Хуманитарната организација „Свети Спас”

– Имам 38 години, женет сум и татко сум на три прекрасни дечиња, од по 12, 9 и 5 години. Вработен сум како обезбедување и мојот ангажман подразбира ноќни смени, така што од работа се враќам во 6 часот наутро, а веќе во 12 часот сум во народната кујна за да ја подигнам храната приготвена од готвачот и спакувана од волонтерите. Да се работи и помага со отецот Оливер е голема чест, исто како што е големо задоволство да се биде дел од целиот тим на волонтери што се во кујната и во магацинот и кои одлично работат. Волонтерството во хуманитарната организација е мала помош и заложба од моја страна, која им носи бенефиција на многу луѓе опфатени со програмата. Би сакал да укажам на благородноста на помагањето и да упатам повик до што повеќе волонтери да го следат овој пат. Сечија помош е добредојдена – изјави Димитровски.
Готвачот во народната кујна на организацијата Благојче Василевски вели дека со големо задоволство се сеќава на моментите кога во неговото слободно време, на риболов, се запознал со отец Оливер.
– Неговата визија и непоколеблива посветеност кон поддршката на социјално загрозените лица ме воодушевија и ме натераа на размислување на кој начин и јас можам да помогнам. Одлучив мојата умешност во готвењето, која е препознаена од еден елитен скопски ресторан, каде што сум редовно вработен, да ја ставам во служба на оние што имаат потреба од помош. Да се приготвува оброк за социјално загрозените семејства е благородна цел, која многу ме исполнува. Мојот работен ден започнува уште взори, во 3 часот изутрина, кога започнувам со приготвување 220 оброци за лицата од програмата на хуманитарната организација „Свети Спас“. Се стремам храната да биде не само хранлива туку и вкусна. Готвењето за оние што зависат од нашата помош е задача што ја прифаќам со посебна одговорност и чест. Чувството на задоволство кога ги храниме гладните и ги поддржуваме оние што се во тешкотии не може да се опише со зборови. Во тоа го наоѓам вистинското задоволство. Задоволни се и од ресторанот каде што сум вработен и честопати и самите донираат оброци за хуманитарната организација „Свети Спас“. Ретко готвам дома, најчесто тоа го прави сопругата, но преку мојата работа во хуманитарната организација, ги учам и своите домашни за значењето на споделувањето и помагањето – изјави Василевски.
И волонтерот Дарко Петровски вели дека активно се занимава со волонтирање уште од времето пред официјално да се основа хуманитарната организација „Свети Спас“.

Фото: Хуманитарната организација „Свети Спас”

– Почнувајќи од првото семејство на кое свесно му понудивме помош, па до денес, проширени со 550 семејства. Во текот на волонтирањето се сретнав со најразлични ситуации и многу измешани чувства, па непосредно дојдов до заклучок дека волонтирањето не е само давање помош туку и свесно подобрување на животите на луѓето од оние ранливи категории што не ги среќаваш секојдневно. Волонтирањето е моќна форма на давање и тоа никако не смее да се гледа како вршење услуга на некој што е послаб од нас. Впрочем, секој што барем еднаш волонтирал, знае дека нашата работа е заемно примање и давање, ние даваме ресурси, покажуваме емпатија и даваме внимание, а од другата страна добиваме безмерна љубов и сатисфакција што сме направиле добро дело, додека пак на пообјективно ниво оваа работа ни овозможува да се поврземе со заедницата и да ги разбереме потребите и проблемите на луѓето околу нас. Секој може да придонесе на свој начин, дали преку донирање време, ресурси, вештини или средства… Помагањето може да предизвика чувство на награда, а наедно да направи и голема разлика во животите на луѓето. Исто така волонтирањето е голем предизвик, кој мислам дека секој треба да го прифати. Учиме и растеме секојдневно од нашите искуства како волонтери. На крајот на краиштата, волонтирањето е љубов, емпатија и солидарност. Зборувајќи за себе, мојата активност со волонтирање подразбира делење месечни пакети со храна на 200 семејства (пречекување на храната од донатори, внимателно местење на рафтовите од магацинот, склопување на секоја картонска кутија поединечно и вметнување на продуктите). Секако, според членовите на семејството, состојките и количеството на продуктите се менуваат, така што не е само автоматизирано редење на исти пакети туку и активно размислување што кај кое семејство треба да пристигне. Понатаму процесот продолжува во редење на тие 200 пакети во комбе. Понатаму би додал дека често знае да се случи да добиеме донација во форма на мебел или апарати за домаќинство што ги испорачуваме до живеалиштето и лично ги местиме во домовите (имало доста ситуации каде што немало лифт во зграда, а мебелот требало да се однесе до петти кат). Понатаму би зборувал за вториот дел од мојата волонтерска активност, а тоа е секојдневно делење топли оброци на 270 луѓе распространети на нашите пунктови. Најпрво одам до црковната народна кујна на „Свети Спас“, која се наоѓа во Горно Лисиче, во црквата „Св. ап. Петар и Павле“, или до секој ресторан со кој имаме соработка, ја подигнувам приготвената храна и ја носам до семејствата што имаат потреба. Исто така секоја Нова година имаме штандови со пакетчиња за деца што се на отворено и секако дека се приспособуваме на ниските температури, бидејќи најважно е да се предизвика детска насмевка и да се види уште едно среќно детенце како си оди накај дома очекувајќи го Дедо Мраз – изјави тој.