Новогодишна анкета со некои од носителите на јавни функции: Каква добрина би подариле во новата година?

Празниците, како овие новогодишниве, се време кога сметаме дека е дозволено, без да нѐ гризе совеста, да ја ставиме реалноста „на чекање“. Се обидуваме да се ослободиме од притисокот на секојдневјето и на обврските, а од друга страна од очекувањата што другите и општеството ги имаат од нас, и да се преиспитаме што навистина сакаме и очекуваме од себе, да фрлиме нова светлина на вредностите во кои сме верувале, да се изненадиме и себеси и другите со добрини потиснати од животот што се движи на „брза лента“. Во пресрет на новата, 2024 година, „Нова Македонија“ праша некои од креаторите на општествено-политичкиот амбиент во Македонија дали како на лидери и јавни личности повеќе им причинува задоволство да им приредуваат пријатни изненадувања на другите или поголемо задоволство им е кога некој ним ќе им приреди пријатно изненадување. Каква добрина би подариле тие вo новата година?


Стево Пендаровски, претседател на Македонија

– Повеќе сакам да им приредувам изненадувања на другите и да давам подароци отколку да добивам. Посебно е значајно во овој празничен период да даруваме, а особено на тие што имаат помалку, затоа што секој заслужува малку внимание и топлина за време на празниците.
Во новата година на сите би им подарил здравје, затоа што кога се има здравје, другите работи лесно се решаваат. На сите граѓани би им посакал да имаат посреќна и поспокојна година, да бидат со своите блиски, живи и здрави, мислам дека тоа е добрината што можеме да си ја посакаме едни на други.


Талат Џафери, претседател на Собранието на Македонија

– Кога завршува тековната година, природно, се навраќаме на сѐ што поминавме. Се прашуваме дали доволно сме работеле, сме придонеле за подобро општество, дали сме им посветиле доволно време на најмилите, дали сме направиле барем едно добро дело без да очекуваме нешто за возврат, дали одлучно сме се справиле со предизвиците и сме извлекле поука. Ако одговорот е афирмативен, тогаш годината била успешна. Новата 2024 година да биде книга чии страници ќе бидат испишани со убави работи, со позитивни дела, со почит и разбирање меѓу луѓето. Нека биде година во која ќе ја чувствуваме и споделуваме топлината на солидарноста, ќе веруваме и ќе рефлектираме надеж. Посакувам како граѓани на Република Македонија да спроведеме успешни избори, да реализираме зголемен раст на економијата и да го изодиме заедно патот кон Европската Унија. Спроти 2024 година, ви посакувам добро здравје и напредок, вам и на вашите најмили, квалитетно време поминато со вашите семејства. Mир, спокој и благосостојба во вашите домови и во Република Македонија.


Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

– Сѐ помалку верувам во пријатни изненадувања надвор од кругот на семејството и блиското опкружување, соработниците.
Верувам во причинско-последични односи, а за жал сѐ помалку има предвидливост и сѐ помалку луѓе, семејства, живеат живот без проблеми над кои немаат влијание, ниту се виновни или ги предизвикале.
И, оттука, не може да се избега од моментот што го живееме. За жал, непријатните изненадувања предизвикани во општеството ги потиснуваат овие лични моменти.
Па, така, во новата година би сакал да се создадат услови за што поголема предвидливост, што помалку луѓе да се во границата на сиромаштија, да се намали бројот на оние што живеат со помалку од 80 денари на ден.
И тоа не е добрина, тоа е обврска за секого од нас, за секој човек, како дел од општеството, да создадеме општество во кое ќе има можност луѓето да споделуваат добрина и да уживаат во моментите со блиските, да приредуваат или да се цел на пријатни изненадувања.


Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Македонија

– Секогаш треба да имаме на ум дека доброто со добро се враќа и да се водиме според начелото да вратиме во светот најмалку исто толку колку што добиваме.
Честопати гестовите имаат поголема вредност од материјалните подароци, особено кога доаѓаат од блиските и саканите. Кога станува збор за семејството, најголем подарок за мене е нивното здравје и среќа. Кај пријателите ги ценам искреноста и посветеноста, додека кај соработниците заемната почит, колегијалноста и трудољубивоста. Секогаш се трудам да дадам многу повеќе, отколку што добивам од луѓето.
Формулата за позитивност, според основоположникот на позитивизмот Конт, е многу едноставна – љубовта како принцип, редот како основа и напредокот како цел. За новата, 2024 година, на граѓаните им посакувам здравје и среќа и многу попозитивна година од годината што изминува.


Сања Лукаревска, директорка на УЈП и заменик-претседател на СДСМ

Среќата на моите најблиски е и моја среќа. Годинава си ветив себеси дека ќе се трудам да одвојам повеќе време за нив.
Во следната година и понатаму ќе се трудам да работам чесно и трудољубиво, да бидам успешна и принципиелна и со моето дејствување да бидам пример за другите.
На насмевка да вратам со насмевка, да покажам разбирање за проблемите на другите и да им помогнам во процесот на наоѓање решение.
Исто така следната година посакувам повеќе да се почитуваме, без оглед на политичката, верската или националната припадност.